Достапни линкови

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја анимираат младината


Сите политички партии во Македонија, а особено двете најголеми, велат дека токму младите членови се главниот двигател на партиите. Тие се со став, дека иднината на сопствената партија, нејзиниот развој и зајакнувањето на позициите на политичката сцена зависат од активностите и масовноста, токму на младото членство. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ постојано работи на анимација на младите, кои пак се активно вклучени во партиските тела. На оваа тема, портпаролот Саше Димовски вели:

„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што својата енергија ја црпи од Унијата на младите сили. УМС учествува во креирањето на политиката на партијата не само преку давање на совети кон постарите кадри, туку се инволвираме и во сите органи на партијата, од Извршниот комитет, Централниот комитет и сите други тела.“

И владеачката СДСМ вложува огромни напори за приближување до младите. Учеството на подмладоците на оваа партија го имаат предвидено и во сопствениот статут во кој стои дека задолжително е нивно 20 процентно присуство. Александар Пандов, претседател на младите социјал – демократи, вели:

„Младите кои се членови и носители на функциите се состануваат еднаш неделно, или извршниот одбор еднаш месечно, и наши предлози и забелешки ги доставуваме до претседателството.“

Со активното вклучување на младите во партиските тела, политичките партии сметаат дека ќе се намали можноста за дејствување по директива на централата и по 13 години ќе имаме политичко дејствување по европски терк. Младите политичари сметаат дека на овој начин ќе го напуштат трендот на лепење плакати и агитирање за време на изборите и ќе се зафатат со решавање на локалните проблеми, нормално во границите на нивните ингеренции.
XS
SM
MD
LG