Достапни линкови

Руските власти се сомневаат за можни терористички напади


Два руски патнички авиона синоќа се урнаа при што загинаа над деведесет патници и членови на екипажот. Руските власти се сомневаат дека станува збор за терористички напади, со оглед на тоа што уривањето на двата авиона се случило во временска разлика од само три минути.

Руските спасувачки екипи изутрината ги пронајдоа остатоците од двата авиона. Во првиот Туполев сто триесет и четири кој летал на линијата Москва Волгоград имало триесет и четири патници и осуммина членови на екипажот. Неговите остатоци биле пронајдени во близина на населбата Глубоки. Во вториот авион од типот Туполев сто и пеесет и четири имало пеесет и два патника и членови на екипажот и летал од Москва до Сочи. И двата авиона летнале од истиот московски аеродром Домодедово.

„Во врска со авионот Ту сто триесет и четири, е пронајдена една од црните кутии и таа е во добра состојба.“

соопшти министерот за вонредни ситуации Сергеј Шојгу. Директорот на аеродромот во Волгоград Јури Дмитриев изјави:

„Исклучувам грешка на пилотот, бидејќии во најтешките услови во авионот, како што се дефектите или пожар во леталото, екипажот има време да ги информира за тоа контролорите на летањето. “

Поради шпекулациите дека би можело да станува збор за терористички напади, рускиот претседател Владимир Путин и нареди на Федералната служба за безбедност да ги истражи околностите на скоро истовремените две авионски несреќи. Руските медиуми јавуваат дека оваа служба се вклучува во истраги само при сомнителни несреќи. Рускиот амбасадор при Обединетите Нации Андреј Денисов по првите информации, изјави дека не е исклучено авионите пред тоа да биле грабнати. ,,Добивме информација дека во авионот проработи системот за известување во случај на грабнување, соопштија од авиокомпанијата Сибир сопственик на авионот Туполев сто пеесет и четири кој се урна во Ростовската област. Очевидци велат дека виделе експлозија пред уривањето на еден од авионите. Веднаш по двете несреќи во Русија беа зацврстени мерките за безбедност на сите аеродроми во земјата. Висок претставник на Стејт Департментот изјави дека официјален Вашигтон е загрижен поради вестите за уривањето на двата авиона и оти внимателно ги следи утврдувањето на фактите и развојот на ситуацијата. До двете несреќи, според агенциите, доаѓа само неколку дена пред претседателските избори во Чеченија. Овие избори беа распишани по загинувањето на претседателот Ахмад Кадиров во бомбашки напад што се случи во мај годинава.
XS
SM
MD
LG