Достапни линкови

Од опасна политичка авантура до загарантирано право на граѓаните


Референдумот уште повеќе ќе ја заплетка политичката ситуација во Македонија. Неговото одржување во овој момент е опасна авантура за земјава. Референдумот е загарантирано право на граѓаните со Устав се само дел од мислењата на експертите во Македонија. Иако е непотребен, референдумот во моментов, него власта сама го иницираше, вели професорот Димитар Мирчев:

„Ова јас сметам дека ќе ја заплетка и натаму политичката ситуација во наредните месеци. Ќе се одложат планираните политички настани, така што, севкупно, наместо Македонија да се концентрира на суштински, економски и социјални прашања за развојот на државата, мислам дека ќе биде оптоварена уште долго време со овие прашања.“

Политикологот Мерсел Биљали стравува од најлошото, можно ли е на Македонија да и се повтори 2001? Доколку не успее референдумот, државните институции можат да дојдат во колапс, вели тој:

„Тоа е опасна авантура, од причина што нема шанси да не се рефлектира во политичкиот живот во државата. Така што мислам дека ако успее референдумот тоа драматично ќе се одрази на целокупните состојби во државата. Може лесно да дојде до колапс, па и други елементи.“

Димитар Мирчев, иако не ја исклучува можноста, од влошување на меѓуетничките односи, тој е оптимист дека разумот ќе преовладее кај сите граѓани на Македонија:

„Престои една сериозна задача, за владеачката коалиција, за сите партии и мислам дека сите разумни луѓе ќе се соочат со ова и да видат што може најрационално да се стори, за целата ситуација да не премине во конфликт. Јас лично не верувам дека ќе дојде до тоа.“

Владо Поповски, најавува прегрупирање на политичките сили во Македонија, доколку референдумот биде успешен:

„Консеквенцата сосема логично е предвремени парламентарни избори и проверка на позициите на партиите.“

Доцнењето на евро-атлантските процеси со референдумот и не е толку страшно, е ставот на Биљали:

„Мене ме плаши нешто уште пожестоко од тоа, што не сакам да се случи.“

Дека Македонија ќе заостанува во правец на евро атлантските интеграции потврдува и професорот Поповски:

„Доцнење и кочење на процесот ќе следува. Ама, блокада или економски санкции не би биле очекувани, затоа што се оди на процедура којашто е уставна.“
XS
SM
MD
LG