Достапни линкови

Власта задоволна, опозицијата без стратегија


Од 123, Македонија во иднина ќе брои 80, односно 76 општини до 2008-та година. Вака синоќа решија пратениците во македонското собрание. Законот за територијална организација беше усвоен по долга расправа во Собранието и острите реакции на јавноста и опозицијата дека со ваквиот владин предлог Македонија се дели по етничка основа и од мултиетничка станува двонационална. Долгите говори на опозицијата и нивните спротивставувања, сепак, не вродија со плод.

„Решија тие и при очи да бидат слепи и при уши да бидат глуви. Им укажуваме дека тие немаат една влада како институција на Република Македонија, функционираат како две влади – едната е одговорна, според кажувањата на самите министри на таа влада, на Али Ахмети, а другиот дел одговорен на Црвенковски. Тие де факто функционираат како две влади, а не убедуваат дека пак на локално ниво ќе функционирале хармонично“

гласеше првичната реакција на пратеникот Ѓорѓи Трендафилов од ВМРО-ДПМНЕ. Засега од оваа најголема опозициона партија без стратегија. Кои се нивните идни чекори на дејствување?

„Идните чекори сега ги нема. Ние го поддржувавме Светскиот македонски конгрес и тоа е нашата иницијатива“

вели координаторот на пратеничката група Коце Трајановски.

Владеачките партии, пак, задоволни од донесувањето на Законот за територијална организација.

„Реакциите се веќе познати. Веќе имаше јавна расправа по законот, така што целата постапка се одвиваше транспарентно, сите беа запознати, предлозите се разгледуваа и од невладини организации, така што мислам дека од тој аспект сите аргументи се разгледани од сите страни“

„Мислам дека е добро што се изгласа овој закон. Имаше многу опструкции од опозицијата. Без разлика дека тоа траеше многу, главно е што на крај се гласаше и мислам дека со овој закон граѓаните ќе имаат една добра перспектива“

изјавија Славица Грковска од СДСМ и Невзат Беита од ДУИ.

Собранието, инаку, денеска ја продолжи 72-та седница со амандманска расправа за предлог законот за градот Скопје. Донесувањето на овој закон е услов за закажување на претстојните локални избори, кои треба да се одржат во втората половина на месец ноември. Од пакетот закони за децентрализација, по усвојувањето и на овој предлог закон, останува да се усвои само уште законот за фискална децентрализација.
XS
SM
MD
LG