Достапни линкови

Државата поттикнува нелојална конкуренција


Сите стоматолози во јавното здравство од септември ќе бидат приватни, а на пациентите им останува изборот кому ке му ја доверат грижата за своето здравје. Под закуп ќе се најдат околу стотина ординации од сегашното јавно здравство, а стоматолозите заинтересирани за закуп на ординацијата имаат обврска да и плаќаат месечна кирија на здравствената установа за просторот и опремата, и да ги задржат вработените сестри и забни техничари. Новината е резултат на реформите во здравството, а за нејзина реализација во тек е конкурс кој ќе трае до 10-ти септември.

„На стоматолозите во јавното здравство им течат плати, кои, далеку дека се високи плати, меѓутоа, кога би оделе по тој систем на услуги и на број на пациенти, би земале многу мали плати, односно не би требало да земаат никакви плати“

вели првиот човек на Фондот за здравство, Никола Пановски.

Во иднина, стоматолози од јавното здравство, ќе се финансираат по моделот на капитација, што значи колку пациенти толку пари од Фондот за здравство.

„Постепено ќе им се намалува платата што сега им ја даваме на стоматолозите, а ќе се воведува системот на капитација. Значи, со него ќе има шест месеци време да ги прибере пациентите

Непопуларноста на реформите, предизвика реакција од страна на сегашните приватни стоматолози, кои новините ги оценуваат како поттикнување на нелојална конкуренција. Ние сме вложиле огромни средства, а на колегите од јавното здравство државата ќе им “подари” опремени ординации за симболична кирија, реагираат тие.

„Активностите што се одвиваа во изминатиот период се одвиваа комплетно нетранспаренто“

изјавува претседателот на приватните стоматолози Слободан Димовски, кој потенцира:

„Државата наместо да створи услови за едни фер пазарни принципи на работа на сите стоматолошки ординации и да застане зад принципот на еднаквост и рамноправност, таа во стартот би створила услови за нелојална конкуренција“

Речиси слична е и реакцијата на доктор Иванов, сопственик на приватна стоматолошка ординација.

„Јас работам 16 години приватно. Знам кој е начинот, знам што значи тоа, колку вложувања и време се потребни“

И покрај ветувањата на Фондот за здравство дека наскоро и на сегашните приватни стоматолози ќе им биде покриен дел од трошоците, кај нив останува да лебди прашањето колку во социјална државава како Македонија тоа ќе биде остварливо, со оглед на најавените реформи.
XS
SM
MD
LG