Достапни линкови

Највисоките човечки идеали загрозени од корупцијата и допингот


Олимписките Игри, како манифестиција на умот, телото и духот, долго време ги претставуваат највисоките човечки идеали: универзалниот мир и моралниот интегритет. Организаторите на модерните игри овие идеали ги најдоа во античка Грција. Но, тие сега се во опасност, бидејќи спортот од поодамна е зафатен со корупција, комерцијализам и допинг.

Во почетокот, грчките митови Зевс и Хронос се бореа за тоа кој ќе царува со Универзумот. Овој месец во Атина американецот Тим Данкан и кинезот Јао Минг, скоро митолошки фигури во Американската баскетбол асоцијација, ќе се борат за кошаркарското царство. Олимписките игри минаа долг пат од античка Грција до нивното модерно враќање во Атина во илјада осумстотини деведесет и шестата година. Но, некои работи никогаш не се менуваат. Основачот на модерните Игри францускиот аристократ Пјер де Кубертен велеше дека Олимпијадата ги претставува нашите највисоки идеали. Но, научниците сметаат дека она што ние го подразбираме под Олимписки идеали е повеќе производ на масовната кампања во јавноста што ја почна Кубертен пред сто години, отколку на вистинските антички извори.

„Зборуваме за крајот на Деветнаесет век кога романтизмот се уште претставуваше голем дел од сликата. Самата идеја за обновување на старата традиција Олимпијадата, лежи токму врз романтизмот.“

Вели Питер Брук, професор по античка уметност и архитектура во американскиот државен колеж во Вермонт кој додава дека некои од тогашните олимписки идеали се уште на важат. Сепак, тој како и некои други експерти, смета дека некои идеали веќе немаат смисла. Аматеризмот например. Се до илјада деветстотини осумдесет и осмата година, кога беше напуштена оваа политика, организаторите на Олимпијадите строго ги контролираа атлетичарите со цел тие да не примаат пари, па дури ни подароци во замена за нивните спортски перфоманси. Ова правило кое ја преставуваше намерата за чистотата на спортот многу пати доведуваше, спортистите кои го правеле тоа, да ги вратат олимписките медали и беа искучувани од Игрите. На крајот ваквото правило беше укинато со образложение дека предизвикува класна дискриминација.

„Идејата дека само аматери можат да учествуваат беше бесмислена. Тоа беше еден вид заштита на ексклузивноста. Знаете во смисла Не ги сакаме од работничката класа тука. Не сакаме поштари, ѓубраџии, ѕидари. Ове е спорт за џентелмени.“

Вели англискиот писател Дејвид Милер автор на книгата Официјалната историја на Олимписките Игри и на Меѓународниот олимписки комитет. Најдобар пример за ваквата дискриминација беше Џим Торп кој на Олимписките игри во Стокхолм во илјада деветстотини и дванаесетата година победи во десетобој и беше прогласен за најдобар атлетичар на светот. Подоцна тој мораше да ги врати медалите затоа што било откриено дека земал пари за да учествува на еден бејзбол натпревар. Но, вакви случаи, како што велат историчарите, имало и во стара Грција кога атлетичарите биле богато наградувани за нивните победи на Олимпијадите.

„Победниците официјално примаа ловорови венци. Но, потоа во нивните градови беа опсипувани со награди, па дури, беа правени големи статуи со нивниот лик,“

наведува Брук. По надминувањето на прашањето за аматеризмот на олимпијадите, сега нивните организатори се соочуваат со други проблеми, аферите со допингувани спортисти и со корумпирани официјални претставници на Олимпискиот комитет . Чешкиот новинар Франтишек Боуц смета дека, за разлика од порано, Игрите во Атина ќе бидат поштедени од ваквите скандали.

„Мислам дека постојниот анти допинг систем е многу добар. Секој оној што ќе се обиде да мами се наоѓа во голема опасност да биде суспендиран. Затоа не би страхувал дека ова прашање ќе преовладува на Олимпијадата во Атина.“

И покрај ваквите девијантни појави што ги следат Игрите експертите сепак сметаат дека Олимписките идеали остануваат движечки цели на човештвото.

„Лично се уште верувам дека Олимписките Игри се двигател. Тие се важна борба за зачувувањето на сето она што постои во сите нас,“

вели писателот Дејвид Милер.
XS
SM
MD
LG