Достапни линкови

Посилна Америка дома и во светот, се заложбите на Кери


Џон Кери ја прифати номинацијата на Демократската партија за претседател на Соединетите Држави. Главна негова задача ќе биде, како што рече, да работи за посилна Америка дома и во светот.

Сенаторот од Масачусетс Џон Кери во завршниот говор на конвенцијата на демократите во Бостон изјави дека, доколку биде избран за американски претседател, ќе даде се од себе да ја врати довербата во Белата Куќа.

„Американски сограѓани, ние сме тука вечерва обединети во една цел: Да ја направиме Америка посилна дома и почитувана во светот.“

Џон Кери вети и дека ќе го обнови сојузништвото на Соединетите Држави во светот што сега е нарушено поради војната во Ирак.

„Јас знам што треба да направиме во Ирак. Ни треба претседател кој има кредибилитет да ги донесе нашите сојузници да застанат на наша страна и да преземат дел од товарот. Со тоа ќе се намалат трошоците на американските даночни обврзници и ќе се редуцира ризикот за американските војници. Тоа е вистинскиот пат кој ќе доведе до завршување на задачата и до враќање на војниците дома.“

Кери, кој имиџот на претседателски кандидат го гради врз неговото учество во Виетнамската војна, сепак додаде дека, доколку тоа биде потребно, нема да се двоуми да употреби сила во одбрана на Соединетите Држави. Но, како што рече, таквата одлука, за разлика од актуелниот претседател Џорџ Буш, ќе биде базирана врз основа на вистински информации. Тој исто така, вети дека ќе изврши реформи во разузнавачкиот систем со цел американската политика во иднина да биде водена од факти. Со говорот на Кери заврши четиридневната конвенција на демократите и практично почнува нивната тримесечна изборна борба против републиканците. Конвенциите многу често претставуваат и прва можност за американската јавност да се запознае со изборната трка. Досегашните истражувања во Америка покажаа оти домашната јавност не знае многу за сенаторот Џон Кери. Затоа тој, како што сметаат експертите, се надева дека неговиот завршен говор во Бостон, ќе биде добра препорака за американските избирачи. Последното испитување на јавното мислење укажа дека, во пресрет на конвецијата на републиканците што во идниот месец треба да се одржи во Њујорк, постојат тесни разлики меѓу Џорџ Буш и Џон Кери.
XS
SM
MD
LG