Достапни линкови

Нема ништо сериозно да се промени, порачува власта


Толпата луѓе што присуствуваа на вчерашниот митинг и испрати јасна порака на власта:

„Дека оваа власт не зборува во нивно име, дека оваа власт заборави од кого таа е избрана и дека навистина веќе не постои никаква врска меѓу неа и народот.“

изјави Силвана Бонева, член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ по протестот што во Скопје го организираше блокот партии од опозицијата. Формите на демократски притисок врз власта против решението за територијална организација, ќе продолжат, тие ќе бидат фокусирани во Парламентот, но и со организирање на нови мирни протеси во градовите низ државата, вели Бонева:

„Ние ќе продолжиме најпрво внатре во Парламентот, да се обидеме за секој амандман, за секоја општина, да и укажеме на Владата дека навистина нема критериуми врз основа на кои се укинуваат општините.“

Власта треба да ги чита пораките од протесот во Скопје на кој присуствуваа илјадници луѓе, се согласува Бучковски. Во таа смисла еве како власта ја протолкувала пораката од протесот:

„Сметам дека дел од опозицијата извлече поуки од немилите настани во четвртокот навечер и петокот наутро во Струга и навреме ги презеде сите активности да овој мирен протест не добие поинакви размери. Подршката вистинска на нивните иницијативи кои ги водат, ќе бидат собраните потписи за иницијативата за референдумот. Генерално синоќешниот митинг, нема ништо сериозно да промени, но во секој случај ќе ги зацврсти позициите на тој дел од опозицијата која со начинот на кој го организираше митингот се дистанцираше од екстремистите и радикалите кои егзистираат во опозицијата и кои стоеа зад т.н. спонтани протести во Струга.“

ова е првичната оценка на Министерот за одбрана Владо Бучковски, по митингот во Скопје откако неговото неодамнешно присуство во Струга предизвика ицидент што тој го оцени како, убиство во обид. Во коалицискиот партнер на СДСМ пак, сметаат дека протестите не и носат ништо добро на Македонија. Рафиз Алити од ДУИ изјави:

„Ние исто така мислиме дека се ова оди на штета на Р Македонија имајќи во предвид дека ние сакаме да се интегрираме во НАТО и Европската заедница.“

Лидерот на опозициската ДПА Арбен Џафери за протесите на граѓаните и незадоволството од територијалната организација вели:

„Ваквиот начин на реакција од македонците е непродуктивен, бидејќи тие веќе ги имаат своите права, значи албанците не навлегуваат во тој корпус на правата на македонците. Протесите против правата на албанците се смешни.“
XS
SM
MD
LG