Достапни линкови

Трифун Костовски, независен пратеник и биснисмен. Владата ги разви етничките страсти со децентрализацијата за покривање на економското фијаско


Господине Костовски се приклучивте кон блокот опозициски партии коишто ја поддржува иницијативата за референдум за собирање 150,000 потписи против новиот закон за територијалната организација. Кои се вашите мотиви?

Поделбата, којашто е предлог и ќе биде на расправа во Собранието е направена по терк којшто најмалку ги почитува граѓанските права, односно најмалку е по желба на граѓанинот. И како парламентарец, како граѓанин на оваа држава, посегаме по основното право, кое извира од Уставот на Република Македонија, дека граѓанинот е тој што одлучува за сопствената иднина и за сопствената локална самоуправа понатаму, тој да се изјасни и да го даде финалниот збор. Сметам дека прашањето е многу сериозно, на добар пат сме да се соберат 150,000 потписи и сметам дека дури тогаш владата можеби ќе го преиспита овој предлог, што би било најдобро решение за сите. Според тоа, ставот за собирање на потписи којшто јас го поддржувам во ниту еден момент не треба да се сфати дека е национално обоен, дека е анти-европски обоен или да не говорам понатаму.

Што доколку референдумот не успее?

Референдумот убеден сум дека ќе успее. Тоа е знак за владата, дека нема слух за она што народот го очекува и го сака. Никој не е против охридскиот договор, никој не е против процфесот на децентрализација, меѓутоа во вистинска смисла на зборот. Мислам дека владата тука вешто ја наметна новата територијална поделба како сегмент во којшто ги разви страстите, етничките страсти во државата, сакајќи да го покрие своето незнаење, односно економските пропусти и фијаското на економијата. Бидејќи, сведоци сме дека индустриското производство и понатаму паѓа, сиромаштијата е се поголема, надворешни инвестиции нема и ги нема, иако беа најавувани. Едноставно имаме чувство дека имаме влада којашто не е во состојба да ја води државата.

По последните јавни настапи господине Костовски, јавноста ве доживува како опозиција во власта. Се чувствувате ли вие така?

Од моментот на победата, до денеска, освен што сум член во парламентот, буквално за ниту едно значајно прашање немам никаква консултација ниту комуникација со актуелната власт.

Можеби затоа што секогаш имате различни ставови?

Генералните ставови не би можеле да ни бидат различни. Бидејќи сите ја сакаме Македонија јака, просперитетна, и држава која што утре ќе биде членка на ЕУ и НАТО. Тоа ни се основните цели коишто нас не зближија. Меѓутоа, дефинитивно изгледа се разликуваме во начинот на практицирање, како да стигнеме до тој пат. Резултати немаме никакви. Многу држави коишто ги сметавме дека се зад нас, за ЕУ не претрчаа и веќе испаднаа од тој т.н. Западен Балкан, а ние сеуште тапкаме на местото кадешто бевме. Меѓутоа, за она што го ветив во името на коалицијата јас сум лично разочаран, и тоа беше еден од поводите да речам доста е. Ние си играме практично држава, влада, а дефакто ништо не се случува.

Контактирате ли си господинот Црвенковски?

Последниот контакт беше честитката што јас му ја упатив за неговата иналгурација во Собранието и оттогаш немаме контакт.

Ќе ве видиме ли в понеделник на митингот на опозицискиот фронт?

Нема да бидат присутен. Бидејќи, јас сум како што спомнав сум против митингување, против блокади, против протести во моментов. Бидејќи, говориме за еден закон којшто сеуште е во процедура во Собранието. Говориме за еден процес, собирање на 150,000 потписи и јас се приклучувам на такви митинзи во моментот кога ние ќе ги имаме тие 150,000 потписи зад нас, со цел да ја натераме владата да размислува дека е време тој референдум да се распише. Митингот, како што се случи во Струга, тоа може да се случи и на митингот во Скопје, последиците може да се несогледливи.

Деновиве се конституира едно граѓанско движење, на Македонија, вие ќе бидете дел од движењето, кое е целта на движењето?

Јас членувам во повеќе невладини организации и движења и нема да биде исклучок ниту ова движење од чиј состав мислам дека има голем капацитет нешто да направи. Сепак се тоа луѓе коишто се од науката и праксата, луѓе коишто може да дадат еден нов инпут на власта. Ако ништо друго, власта барем да има слух и повеќе да слуша она што е неопходно за некои работи да се работат.

Ќе има ли политички амбиции ова движење?

За сега не. И не би сакал. Би морал да признаам, доколку би сакал активно да се вклучам како политичка партија, до сега сум имал повеќе можности и повеќе пати ми е сугерирано тоа да го направам. Меѓутоа, сеуште сметам дека јас припаѓам, на онаа сфера, на луѓето од бизнисот којшто цел живот го практикувам.

Ќе биде ли на некој начин, еве, да толкувам слободно, ова движење, ваша логистика, во поглед на најавата дека ќе се кандидирате за градоначалничката функција. Вие јавно изјавивте дека имавте желба дека ако ви се понуди, условно да речам, скокнете и на претседателската функција?

Како кандидат за претседател, таа работа не се оствари, од причини што многу од нас не задеси трагедија. И можеби не бев подготвен да стартувам како самостоен кандидат. Во случајов не би сакал да избрзам со мојата кандидатура за градоначалник, бидејќи имаме толку тешки прашања што ние како парламент треба да ги изработиме, да ги изгласаме и не би сакал да се ставам во функција да бидам заложник на нешто што сакам да го ветам и да некои мои сограѓани ги заведам од тоа дека сигурно ќе се кандидирам или не. Мојата кандидатура ќе зависи од многу елементи коишто се битно за дравава. Пред се, да ја зачуваме, да го сочуваме редот и мирот, а доколку сето тоа помине во најдобар ред, сметам дека овој пат нема да ја испуштам таа шанса и ќе се кандидирам за градоначалник. А движењето, каква ќе биде улогата, ќе зависи пред се, од тоа кој од кандидатите што нуди за градот, кој е во можност навистина тука да направи нешто за градот и сметам дека тие ќе се определат за оној што повеќе ќе придонесе. Само за ваша информација како дел од ова движење ќе биде и Љупчо Николовски Фуфо, исто така претендент за градоначалник.

Еден од можните противкандидати?

Па не, јас не го доживувам како противкандидат, јас го доживувам како еден чесен граѓанин на Скопје, којшто не ја крие својата амбиција, што сметам дека е многу искрено и чесно. И не е исклучено, доколку јас не се одлучам, да дадам дури и негова поддршка.

Колку цените во моментов дека се реални нашите шанси за приблиѓување до ЕУ?

Морам да признаам дека сум разочаран, бидејќи Македонија е една од ретките земји којашто остана надвод од целиот европски ситем, не доби ниту покана за членување. Ние сеуште живееме во еден затворен свет. Ние немаме пакет. Не сме добро спакувани како држава што може да влезе во ЕУ, сеуште. И јас тоа ќе го кажам отворено. Одреден период треба да заборавиме на ЕУ и доста е ЕУ што често пати со морковот и стапот не тера за некои работи. Прво да го средиме нашиот двор овде. ЕУ сама ќе не покани.

Како член на МКГ, господине Костовски како оваа влијателна организација гледа на она што се случува во Македонија?

Впечаток е дека Кризната група не е во состојба да ги покрие сите овие кризни жаришта со комплетни правилни ставови. Балканот смета, лично сум убеден, бидејќи лично присуствував на последната седница и тоа беше една од причините за повлекувањето на нивниот претставник од Македонија, не само од финансиски причини, туку сметаат дека Балканот е на најдобар пат да ги реши сопствените проблеми, сметајќи дека е најден консезус во Охридскиот договор и дека прашањето со Босна на извесен начин функционира, Косово е прашање на време, година, две три, кога ќе добие условна или целосна независност, тоа е во ингеренции на меѓународната заедница. Претпоставувам дека често пати кризната група можеби не ги има и вистинските информации. Бидејќи информациите доаѓаат по разни канали. Ама, јас сум длабоко убеден дека ова што се случува денеска во Македонија со новата територијална поделба, иако Николас Вајт пред извесно време беше брифиран, сепак имајќи ги предвид другите проблеми коишто ги имаат низ светот, сметаат дека во моментов системот сепак е да се зачува каков таков мир. Со цена којашто објективно, јас ги убедувам, дека не може по секоја цена да се сочува мирот, затоа што секое нешто има одредени граници. Убеден сум дека Кризната група повторно ќе биде присутна, па посебно со последните случувања во Струга, и дека дефинитивно овие закони коишто ќе бидат во собраниска процедура ќе имаат поактивно и поголемо присуство. А, јас како член ќе настојувам да ја доловам и да им ја претставам правилната, а не искривената слика за она што се случува во Македонија.
XS
SM
MD
LG