Достапни линкови

Распишани тендери за вклучување на повеќе национални експерти


Од владиниот сектор за евроинтеграции велат дека во моментов течат сите подготвителни активности и организацијата за одговор на прашалникот што Европската Комисија ќе и го испрати на Македонија во септември. Координативната улога на тимовите ќе ја има токму ова тело, вели раководителот на секторот Драган Тилев, според кого капацитетите на државните институции ќе бидат зајакнати со локални и национални експерти:

„За таа намена веќе имавме и една најава за тендер и очекувам дека многу скоро ќе имаме и една поширока листа на национални експерти кои ќе можат да бидат вклучени во одговорите на прашалниците. Околу преводот, исто така веќе имаме објавено тендер, односно веќе и завршен тендер, тоа значи дека веќе имаме обезбедно и дополнителни средства преку буџетот на Р Македонија. Ќе бидат ангажирани, би рекол дури и буквално сите што можат да помогнат во процесот на преведување бидејќи се работи за превод на повеќе од 5 илјади страници текст.“

Наспроти ова поранешниот Вицепремиер и актуелен член на собраниската Комисија за европски прашања, либералот Зоран Крстевски, вели дека Македонија нема административен капацитет до крај да одговори на прашалникот од Брисел, особено не во делот каде според Договорот за стабилизација и асоцијација не се ниту отпочнати предвидените реформи:

„По мое длабоко убедување ние нема да станеме скоро кандидат, туку дополнително ќе мораме да завршиме со т.н. домашна задача на реформи.“

Социјалдемократката Каролина Ристова, Претседател на собраниската Комисија за европски прашања, вели дека сепак во овој момент прашалникот на некој начин е ексклузивна работа меѓу владата и Европската Комисија, а парламентарците ќе го кажат својот збор по прифаќањето на прашалникот од страна на Брисел:

„Пратениците можат да коментираат, да бараат некои работи да се дополнат, меѓутоа тоа ќе се случи откако Владата ќе го заврши својот дел од работата, а сето ова го кажувам врз основа на сето она што се споредбени искуства, како она последното на Хрватска.“

Тилев очекува одговорите на прашалникот да бидат готови до крајот на јануари наредната година:

„Секое искуство што може да се искористи од страна е добро дојдено и ние во таа смисла веќе разменувавме во повеќе наврати искуства со Хрватска. Сите оние позитивни моменти во текот на одговарањето на нивниот прашалник ние ќе ги искористиме. Го консултиравме исто така и искуството на Словенија. Очекуваме до крајот на наредната година, мислењето од страна на Европската Комисија да биде подготвено и се надеваме дека на почетокот на 2006 година, ќе може да сметаме да позитивно мислење и стекнување на статус на земја кандидат и веројатно во текот на истата година, почекот на преговорите.“
XS
SM
MD
LG