Достапни линкови

Израел ќе продолжи со изградбата на заштитниот ѕид на Западниот брег


Израел денеска најави дека ќе ја продолжи изградбата на заштитниот ѕид на Западниот Брег и покрај тоа што Генералното Собрание на Обединетите Нации изгласа резолуција со која се бара од израелците да го урнат ѕидот.

За резолуцијата со која се повикува Израел да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд за правда и да го урне ѕидот, гласаа 150 членки на Генералното Собрание на Обединетите Нации, меѓу кои и сите држави од Европската Унија, 6 беа против, а 10 беа воздржани. Одлуките на Генералното Собрание немаат обврзувачки карактер, но претставуваат симболичен став на меѓународната заедница по одредено прашање, во овој случај, против израелската бариера кон палестинските територии на Западниот Брег. Американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џејмс Канингем, кој беше против резолуцијата, изјави:

„Соединетите Држави остануваат убедени дека вниманието треба да се фокусира врз визијата на претседателот Буш за две држави, Израел и Палестина, кои ќе живеат во мир и врз мировниот план за реализација на таа визија.“

Израелскиот амбасадор Дан Гилермен ја отфрли резолуцијата оценувајки дека не може меѓународното право да важи само за едната страна, бидејки Израел е принуден да превземе мерки против палестинскиот тероризам.

„Му благодариме на бога што судбината на Израел и на еврејскиот народ не се решава во оваа сала.“

Изградбата на ѕидот ќе биде продолжена, изјави Ранан Гисин, советник на израелскиот премиер Ариел Шарон, повторувајки дека Израел нема да се откаже од правото на самоодбрана. Гисин оцени дека гласањето во Обединетите Нации е тиранија на мнозинството, бидејки доминирале анти-израелски ставови.
XS
SM
MD
LG