Достапни линкови

Во Струга вечерва почнуваат, Струшките вечери на отпорот


Во Струга неделава нема да се блокираат патишта, а ниту државните институции, додека во Скопје исто така нема да се собираат граѓани кои во колона со возила, со сирени го искажуваат незадоволството за законот за новата територијална поделба. Вечерва почнуваат „Струшките вечери на отпорот“:

„Тоа е манифестација која претставува некаков вид на замена на Струшките вечери на поезијата, се очекува во првата вечер да настапат градоначалникот и сите партиципиенти во Кризниот штаб за опстанок на Струга во постојните граници. Се ќе тече по една определена содржина.“

изјави градоначалникот на Струга, Ромео Деребан кој вели дека со доближување на денот кога законите ќе се најдат пред пратениците, нивните активности ќе се преселат во Скопје. Ако ништо друго, Деребан се надева дека:

„Ќе успееме да предизвикаме политички промени во Македонија и да изнудиме, ако ништо друго барем, вонредни парламентарни избори.“

Додека активностите на блокот политички партии, предводени од опозициските ВМРО ДПМНЕ и Третиот пат, неделава се фокусирани на собирање потписи од граѓаните, а ден пред собраниската расправа на 25-ти во Скопје ќе се организира голем митинг:

„Тековна активност е собирањето на потписи, како единствен легален начин, легално и формално правно да се стопира предложениот, губитнички и во исто време предавнички, закон за Р Македонија. И најверојатно ќе имаме митинг во неделата на 25-ти, кој што очекуваме да биде масовно посетен и кој што ќе биде всушност предупредување до сите пратеници за разбудување на нивната совест и свртување кон оние кои што ги гласаа, да се свртат и да видат, дали оние кои што ги изгласаа за народни избраници, го делат истото мислење и да видат дали тоа е мислење и на народот. Бидејќи очигледно дека тоа е нивно лично мислење, односно лично мислење на нивните лидери, Црвенковски, Пенов и Ахмети и оттука ќе се обидеме да ја подигнеме свеста на пратениците да не го изгласаат Законот.“

изјави Зоран Витанов од Социјалистичката партија, кој повтори дека доколку и ваквиот митинг не вроди со плод, тогаш:

„Ќе бидеме принудени на физичко блокирање на влезот во Парламентот на 26-ти јули кога е предвидена собраниската расправа за законот.“
XS
SM
MD
LG