Достапни линкови

Според експертите, дел од нив служат за финансиски малверзации


„Во земја со 30 или 35% невработеност, нормално е да се очекува дека ќе има прелевање од онаму каде што луѓето неможат да се вработат, во онаму каде што гледаат некакви работни места, а тоа е невладиниот сектор.“

Вака го коментира директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка Сашо Клековски, фактот што во две милионска Македонија во која се регистрирани шест илјади невладини организации, постои огромен притисок на невработените за изнаоѓање начин за егзистенција токму преку оваа форма на граѓанско здружување. Се додека работите се легални ништо не е спорно, но проблемите настануваат кога легитимната активност за која и државата, но и странците обезбедуваат финансии се претвара во законски покриен криминал, во печалење пари и бркање профит. Оттаму не изненадува што никој неможе со апсолутна точност да каже: колку од овие шест илјади невладини организации се во моментов активни, колку пари се „вртат“ во невладиниот сектор, уште потешко е да се утврди како тие пари се потрошени? Постоење на финансиски махинации, упатените не ги негираат, фактури со фиктивни износи или неплаќање данок, се само дел од системот малверзации познати во функционирањето на некои од невладините организации:

„Тука за жал постојат некои системи веќе уходани, уиграни. Произлегуваат некои документи кои немаат своја реална основа кој што се во основа лажни фактури, лажни профактури, сметкопотврди.“

вели советникот за граѓанско општество во делегацијата на Европската Унија Нафи Сарачини.
Во ова понекогаш се вклучени и странските донатори:

„Можно е и странските спонзори и нивните претставници, заедно со претставниците на нашите невладини организации, да ги користат средствата наменети за НВО да ги пренасочат во нивните џебови.“

изјави Џевдет Хајредини, шеф на невладината мрежа Транспарентност Македонија. Експерите велат дека неправилностите во невладиниот сектор можат да се спречат со поголема транспарентност и контрола на средствата:

„За да постигнеме една идеална состојба сигурно дека треба да има транспарентност и во постапката на доделување, меѓутоа и отчет во користењето, но мислам дека сеуште има дефекти и кај едните и кај другите, значи и кај домашната Влада и кај странските извори, што секако остава простор за малверзации.“

посочува Клековски. Но не се сите невладини организации само параван за финансиски криминал.

„Има невладини организации каде што има активисти чии мотиви, не се само да заработат пари.“

вели Џевдет Хајредини. Штетата од оваа појава која не е ексклузивна за невладиниот сектор, сепак е многу поголема од финансиската, посочува Сарачини:

„Дури може некој да помисли дека намерно се прават такви негативни инсинуации, бидејќи има луѓе кои сметаат дека земјава не треба да се демократизира или дека на земјава не и е потребен граѓански сектор. Така да, штетата од тој аспект во создавањето на општата слика за граѓанскиот сектор е огромна.“
XS
SM
MD
LG