Достапни линкови

Се враќа довербата во банките


Банкарите велат дека граѓаните ја вратија довербата во банките па правилото чување на заштедата „под перница“ се поретко се применува. Македонските граѓани веруваат дека турбулентниот период со пропаѓањето на штедилнците или заробувањето на девизите е минато и изјавуваат дека без размислување, најчесто со одговорот доколку ги имаат, би ги ставиле своите пари во банка.

„Нема веќе што да ставаме во банките, инаку сто процентна е довербата.“
„Мислам дека парите се сигурни во банките.“


Во таа насока, статистиката покажува дека и покрај намалената економска моќ на македонските граѓани, штедните влогови во текот на месец април изнесуваат 43, 9 милијарди денари, што во споредба со април минатата година изнесува рекордни 19% зголемување. Има неколку причини за ваквите позитивни показатели, вели експертот Димитар Богов од Центарот за економски анализи:

„Најголемо влијание има конверзијата на валутите во евро, голема улога игра и Фондот за осигурување на депозитите којшто гарантира за осигурување на депозитите некаде до 20 илјади евра. Меѓутоа, и конкуренцијата во банкарскиот систем си го прави своето и таа конкуренција создава еден натпревар меѓу банките и населението има избор каде да ги вложува своите пари.“

Но, сепак сеуште има еден значителен број на скептични грагани, чии сеќавања од 90 тите години кога се случија ризични настани во неколку штедилници и банки, сеуште се свежи и потребно е време, за да им се врати довербата во овие институции. Она што дополнително ги одбива од ваквниот начин на штедење се високите каматни стапки па најчесто кај нив останува верувањето дека банките ги злоупотребуваат нивните пари:

„Зошто не се поведе сметка за банките околу кредитирањето на населението, така високи камати нема никаде. А, инаку, да имам пари не би ги вложила, со што ви гарантираат? Такво нешто се случуваше во 90-тите години кога многу луѓе останаа со оние обврзници коишто важат за една, а не за друга власт.“

Проценките на експертите се дека она што останало „под перница“, поради ваквиот начин на размислување е само 20 насто од тоа што се чува во банка.
XS
SM
MD
LG