Достапни линкови

Строги казни за нефискализираните дуќани


Со стапувањето на сила на најновото законско решение фискализацијата во Македонија ќе добие на интензитет со оглед на фактот што дуќанџиите повеќе нема да може да се правдаат пред инспекторите од Управата за јавни приходи дека купиле фискална каса ,но сеуште не им е инсталирана . Од сега па натаму важи правилото доколку не се издаде фискална сметка , без оглед на причината, објектот се затвара на одредено време.

“Деновиве стапи на сила законот, со кој ако не поседува фискална каса или ако поседува, а не е вклучена и не издава фискални сметки и ако биде фатен, во тој случај казната е затварање на објектот за 30 дена. Ако во тие 30 дена не го решат проблемот, тогаш казната е 90 дена затварање на објектот.,,



вели Министерот за финансии Никола Поповски, кој ги предупредува фискалните обрврзници сериозно да ги сватат најновите законски измени , бидејќи може да се случи еднодневниот пазар кој ќе се заработи со неиздавање на фискална сметка да биде многу помал од оној кој ќе се загуби со неработењето на објектот 30, односно 90 дена.
Како последна фаза во делот на фискализацијата е предвидено и инсталирање на фискални мобилни апарати на зелените пазари , такси службите како и во градските автобуси.

“Сите оние кои се должни да бидат фискализирани, да си ги почитуваат законските прописи за да не се случи, ако ги затвори инспекција 30 дена, да изгубат промет пет пати повеќе отколку што сакаат да го сокријат со една фискална сметка, да дојдат пред Министерството за финансии и да им се виновни законите кои ги принудуваат да водат контрола на своето работење.,,

Вели Поповски.
Според податоците на Управата за јавни приходи досега фискални каси купиле 25 илјади и 450 фирми, што претставува само 57% од вкупната бројка фирми што треба да се фискализираат. Според проценките 50% од овие купени каси не функционираат, односно нивните сопственици не издаваат фискални сметки .
Посебен проблем е оној каде добар дел од угостителските објекти во државата пријавуваат годишен промет на ниво на еднодневна нивна заработувачка. Засега Поповски воздржан во коментарите кој се тие објекти и зошто е дозволено досега на тој начин да функциоираат:
“Јас како министер сум должен да воведувам систем, а не да трчам по поединечни случаи.,,

Според експертите не држат оправдувањата дека, малиот број на инспектори се причина за спорото спроведување на фискализацијата во Македонија со оглед на фактот што на само 300 метри од Управата за јавни приходи во Градскиот трговски центар, најголемиот дел од угостителските објекти работат без употреба на фискални апарати.
XS
SM
MD
LG