Достапни линкови

Недовршената приватизација и лошите закони, причина за долги судски спорови


Во јавноста во континуитет се повторува дека е крајно време да се започне со реформите во третата власт. Дејан Костовски е судија за стечајни постапки и стопански спорови, сегмент што како и другите не е имун на критики за долготрајност на постапките и неефикасност. Во тој контекст, Костовски вели:

“Не е само проблемот во судството, проблемот е многу пошироко. Ако анализирате во стопанските оддели или стечајните оддели на пример, проблемот е што сите реформи не се добро изведени и затоа ние имаме наплив на одреден број на предмети во судовите.,,

Како примери тој ги наведува реформите во поголемиот дел од претпријатијата што се преструктуираат:

“Во ЕСМ се спроведуваат реформи, кои подразбираат технолошки вишок. Целиот проблем сега одново се враќа во судството. Нашиот суд е соочен со илјадници предмети. Исто и во образованието ќе бидат отпуштени повеќе вработени, ако реформите се добро осмислени и правилно изведени согласно законот, тогаш се претпоставува дека ќе има многу помалку предмети пред судовите.,,

Во тој контекст, судијата Костовски ги објаснува и проблемите со решавањето и на стечајните постапки:

“Проблемот е во незавршената приватизација и голем број предмети околу неа. Факт е дека постои општо неплаќање во државата, факт е дека постои неликвидност и сето тоа лошо се рефлектира на работата на судот и бројот на предметите. Тоа се одредени работи кои што веројатно ќе се подобрат, ако се подобри економската слика во државава.,,

Сепак Костовски се согласува дека дел од проблемите во судството се должат на лошите законски решенија:

“Тука е многу битна и рамнотежата меѓу трите власти, но нормално ако независната судска власт е на еден дел, а другите две власти создаваат проблеми.. Едната прави лоши закони, а судството неучествува често во изготвувањето на тие закони, значи треба еднаш засекогаш да ги избегнеме лошите законски решенија и да првиме добри закони.,,

Инаку Костовски ги отфрла обвинувањата во јавноста, за вмешаност на судии во корупција, во врска со предметите што тие ги водат:

“Јавноста ужива да создава такви афери, меѓутоа многу малку се знае дека некои од стечајните управници или било кој што работи стечајни постапки, има некои злоупотреби.,,
XS
SM
MD
LG