Достапни линкови

„Њујорк Тајмс“ го повика Буш да им се извини на Американците


Весникот Њујорк Тајмс денеска го повика американскиот претседател Џорџ Буш да им се извини на американците за војната во Ирак. Повикот е содржан во уводникот на весникот откако во истрагата за терористичките напади врз Соединетите Држави не биле пронајдени докази кои го поврзуваат Ирак со Ал Каида. Буш, како што пишува Њујорк Тајмс, би требало да им се извини затоа што ги натерал американците да веруваат дека ирачката војна е битка против тероризмот во светот.

Националната комисија соопшти дека Осама бин Ладен пред десет години побарал помош од Садам Хусеин, но тогашниот ирачки лидер го игнорирал тоа. Попрецизно Хусеин во илјада деветстотини деведесет и петтата година испратил високи претставници во Судан за да се состанат со Бин Ладен, но притоа го одбил неговото барање за помош, вели Комисијата која заклучи дека не постојат убедливи докази за некаква соработка меѓу Ал Каида со тогашниот ирачки режим или со која било друга влада, со исклучок на талибанската, во Авганистан. Извештајот беше објавен пред јавното сослушување во кое неколкумина сведоци говореа за тоа како терористичката Ал Каида оперира и како муслиманска добротворна организација и како милитантна мрежа.

„Кога мислиме за природата на заканата што ја претставува Ал Каида треба да признаеме дека ние се справуваме со многу интелигентни луѓе, кои се добро обучени многу трпеливи. Затоа ние треба да знаеме кои се нашите слабости, бидејќи токму врз нив тие ги планираат своите акции. “

рече Патрик Фицџералд, федерален обвинител од Чикаго кој како пример посочи дека Ал Каида знае како функционираат американските имигрантски власти и како да ги анулираат нивните напори. Вториот сведок кој поради скривање на идентитетот ЦИА го именува како Доктор К изјави дека Ал Каида внимателного го криера имиџот што и носи широка поддршка во муслиманскиот свет.

„Самиот Бин Ладен го зголеми неговиот кредибилитет со тоа што ја спроведува својата програма. Тој го вели она што го мисли и го мисли она што го вели. Тоа и дозволува на Ал Каида да оперира каде што сака и да добива поддршка и членови насекаде.“

Рече Доктор К пред комисијата која не најде докази за поврзаноста на Осама бин Ладен со Садам Хусеин. Запрашан во врска со ваквиот заклучок на Комисијата, американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека одговорноста за нападите што сега се случуваат во Ирак ја презема Абу Заркави, кој вели дека е поврзан со Ал Каида. Тоа е најдобар доказ за поврзаноста на Ирак со Ал каида, рече Буш.
XS
SM
MD
LG