Достапни линкови

Продолжи расправата за избор на нова влада предложена од Хари Костов


Пратениците од опозициските партии доминираа во текот на расправата, по однос на експозето на мандатарот за состав на новиот владин кабинет Хари Костов. Нивните забелешки пред се, се однесуваа на отсуството на стратегија за решавање на тешката економска состојба во земјава:

„Овој состав на владата од досега виденото може да вети само уназадување на економските перформанси на Република Македонија. Новиот мандатар, од економијата, во неговиот говор, најмногу се задржа на млекарите и на загубарите, порачувајќи им да не очекуваат интервенција од владата за плати, за струја, за вода итн, и дека треба да работат позитивно,“

изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Со слични забелешки и колегата од неговата партија Спиро Мавровски:

„94-98 година се продаде повеќе од 90 насто од она што значеше економија и капитал на Република Македонија и тоа на успешни менаџери, коишто 80 насто од тие фирми ги затворија и луѓето оттогаш останаа без работа и ден – денес не можат да најдат работа.“

Следеше реплика од Андреј Жерновски од ЛДП:

„Бидејќи ме провоцирате за некои теми, еве ќе ви одговорам конкретно со некои податоци, ОКТА, кога дојдовте вие на власт бензинот беше 37 денари, кога си заминавте 51 денар. Телеком, пред да го потпишете вашиот договор којшто ја осиромаши Република Македонија, којшто ги осиромаши граѓаните на Република Македонија и за којшто треба да одговарате, беше импулсот 0,5 денари, а сега 1,38 денари.“

Дека малку внимание се дава на економијата во програмата на новиот премиер Костов, посочи и пратеникот Ѓорѓи Трендафилов:

„Се проговорува нешто за економската состојба во Репулбика Македонија, во поглед на тоа дека владата се прогласува за ненадлежна и со една генерална порака, пред се до македонските земјоделци, кога во иднина ќе им падне на памет, јавно да протестираат, тоа може да го прават во Франција, пред француските институции, но не во Македонија затоа што владата е ненадлежна за тие прашања.“

Инаку, во неговото експозе, Хари Костов рече:

„Кога ќе се собираат и протестираат загубари, барајќи неисплатени плати, со оправдување дека тие може добро и профитабилно да работат, само да им пуштат струја и вода, која цела година не ја платиле, нека се сетат дека владата не исплаќа неисплатени плати и неисплаќа струја и вода за други, туку дека самите претпријатија ќе работат успешно и профитабилно, само доколку нивниот приход ги покрива и платите и водата и струјата.“
XS
SM
MD
LG