Достапни линкови

Владимир Глигоров, професор на виенскиот Институт за меѓународни економски студии. Македонија може да очекува членство до 2013 година


Господине Глигоров, македонската апликација за членство во ЕУ неделава влезе во процедура, што според вас е клучно, во овој период, додека ги чекаме прашалниците според кои Европската комисија ќе гради мислење за нас?

Паралелно со тоа што ќе се чекаат прашањата од Европската комисија, би било многу важно владата да тргне, бидејќи тие прашања, а и условите потоа, нема многу да се разликуваат од она што веќе се знае, дека се услови што треба да се исполнат, да тргне да ги исполнува тие услови. Бидејќи, и мислењето на Комисијата, ќе зависи многу од тоа дали има напредок во реформите и во хармонизацијата со ЕУ, тоа е клучно.

Тоа е она што владата треба да го направи, но што е она што според вас, не смее да ни се случи во овој период на аплицирање?

Па, етнички конфликт би било многу лошо. Посебно, ако тоа е последица на институционална ригидност. Значи, не смее да се случат настани како во 2001, бидејќи тогаш ќе се отвори прашање, за воопшто одрживоста на државата. Тоа е мислам главно. Има и други ризици, кои не се само внатрешно политички. Има и надворешни, регионални ризици кои можат да бидат голем проблем. Исто така, голем проблем е ако социјалната состојба во Македонија не се подобри. Да резимирам, етнички конфликти, социјални потреси, и на она што Македонија не може да влијае, но сепак, некои регионални, да кажеме ризици или конфликти.

Тука претпоставувам мислите на Косово?

Сигурно. Тука ќе биде многу важно, како ќе се биде, да кажам, интелигентен и флексибилен и колку ќе се биде конструктивен кога ќе стане збор за решавањето на финалниот статус на Косово, што сигурно ќе се случи во овој период во кој Македонија ќе преговара за членство во ЕУ.

Во меѓувреме, Македонија треба да се фокусира на исполнување на политичките критериуми. Најнапред да ве прашам, зошто политичките критериуми имаат приоритет во однос на економските?

Тоа е суштината на европската интеграција, се очекува дека економските критериуми ќе можат да се исполнуваат и во тек на преговарањето. Бидејќи, се работи за некои цели, кои не може да се завршат во парламент, тоа е еден дел да се донесат закони и сл, но потоа стопанството треба да застане на нозе, да покаже дека е компетитивно. И тоа не може да се случи за ден или два. Затоа е јасно и тоа нема да влијае, како предуслов за преговорите. Туку, може да се заврши и во тек на критериумите. Така што, тие критериуми може да се исполнат и пред самото примање на земјата во членство. Па, и тука остануваат еден дел на тие услови кои може дури и понатаму да се продолжат. А, политичката хармонизација би било неопходно да се изврши и пред почнување на преговорите, а посебно во самиот тек на преговорите.

Да се вратиме на политичките критериуми. Имаме ли ние дополнителни услови за членство и дали со тоа Македонија е некаков исклучок?

Мислите на Охридскиот договор?

Да.

Па, добро тоа е дел на конституционалната изградба на Македонија. Би било подобро тоа да не се разгледува како некоја наметната задача, туку сите тие уставни проблеми, не само правата на малцинставата, туку и такви работи како што се децентрализацијата и понатаму пофукционално организирање на јавниот сектор во целост, тоа би било нешто што Македонија и сама треба да го заврши. А, бидејќи тоа е дел и од Охридскиот договор, тогаш уште повеќе. Членството во ЕУ е контрактуална работа и многу е важно дали земјата покажува способност своите договори да ги исполнува. Бидејќи, ако не, се поставува прашање како другите договори ќе ги исполнува. Меѓутоа, тоа не е само карактеристично за Македонија. И оние земји коишто сега станаа членки на ЕУ, имаа задача да исполнат некои специфични конституционални услови. Пред се, кога станува збор за малцинствата. Дури некои и понатаму имаат задача тоа да го завршат.

Зошто е толку важно да добиеме статус на земја кандидат, кои се предностите?

Па, најконкретно се отвораат фондовите пред да се стане членка, кои треба да помогнат на тоа структурно прилагодување и служат за подобрување на административните и институционалните капацитети. Друг ефект, е од гледна точка на странските инвеститори кон Македонија. Ако се тргне по тој пат, тогаш тоа е пат којшто има само еден крај, тоа е членство, значи, тоа гарантира на инвеститорите дека се работи за земја која ќе биде член на ЕУ и така политичкиот ризик се проценува. Последно е и тоа што не е не важно, што почнува поголем дијалог со ЕУ, кога станува збор за економската политика, значи не мора да се слуша само ММФ и Светска Банка. Тоа се се елементи, кои што може изгледаат генерални, ама тоа се конкретни користи од целата работа.

И за крај ваша проценка, што можеме да очекуваме од аспект на нашето идно зачленување или проближување кон ЕУ?

Бидејќи, тој процес тргнува, ако оди по релативно спора патека, мислам дека може да дојде до членство во 2013, а би можело со некој поголем напор и поголема политичка концентрација дури тоа да се заврши и порано што би било многу добро за Македонија. Но, и десет години не е многу долго, кога се гледа каде сега се наоѓа тој регион.
XS
SM
MD
LG