Достапни линкови

Најмалку шест загинати и многумина повредени


Во денешната експлозија на автомобил бомба во Багдад, како што јавуваат агенциите, загинале петмина ирачани и еден американски војник, а имало и многумина повредени. Американскиот полковник Џон Мареј изјави дека експлозијата се случила на влезот од таканаречената Зелена зона на комплексот владини згради во центарот на Багдад. Ова се случи само неколку часа откако американскиот претседател Џорџ Буш најави дека Соединетите Држави се решени да го обноват Ирак и покрај продолжувањето на нападите против сојузничките сили.

Претседателот Џорџ Буш даде одвоени интервјуа за две арапски телевизии, во обид да го намали гневот на арапскиот свет поради однесувањето на американските војници спрема ирачките затвореници. Тој притоа изјави дека одговорните за злоставувањето ќе бидат казнети и оти тие не ја претставуваат вистинската Америка.

„Акциите на овие неколку луѓе не ги рефлектираат срцата на американскиот народ. Ќе има целосна истрага и правдата ќе биде исполнета.“

Наведувајќи дека ирачаните треба да знаат дека ни во демократијата не е се совршено, Буш рече дека во демократијата грешките се предмет на истрага, а одговорните за тоа се приведуваат пред лицето на правдата.

„Многу е важно народот на Блискиот Исток да сфати дека војниците што ги имаме таму се добри и чесни граѓани кои се грижат за слободата и мирот и секојдневно работат за да им го подобрат животот на ирачаните.“

Изјави Буш од кого за време на интервјуата не му беше побарано да се извини за однесувањето на американските сили спрема ирачките затвореници. Американскиот претседател исто така повтори дека на триесети јуни на ирачаните ќе им биде предадена власта во земјата.

„Потоа таму ќе има избори. Мислам дека ние имаме реален редослед на настаните и верувам дека изборите ќе им помогнат на ирачките граѓани да сфатат дека доаѓа слободата.“

Но и по овој трансфер Вашингтон, како што е најавено, со цел да се зголеми безбедноста во Ирак планира да ги задржи своите сто триесет и осум илјади војници до крајот на идната година. Поради тоа Буш од Конгресот веќе побара дополнителни дваесет и пет милијарди долари. Станува збор за финансирање на воените операции во Ирак и во Авганистан и покрај неговото ветување дека нема да бара уште пари пред претседателските избори во ноември годинава. Во пишаната изјава до Конгресот Буш тоа го образлага со настаните на теренот кои налагаат вонредни трошоци. /Инаку, во првите реакции во арапските земји на неговите две интервјуа се наведува дека американскиот претседател бил неуверлив и неефикасен. Гестот е добар, но требаше јавно да се извини, рече поранешниот јордански министер за надворешни работи Џавад ал Анани.
XS
SM
MD
LG