Достапни линкови

Роднините на убиените Пакистанци ќе бараат оштета од Македонија


Роднините на шестемина пакистанци ќе бараат оштета откако Македонија призна дека нејзината полиција ги убила со цел да го зацврсти профилот на таа балканска земја во напорите, предводени од Соединетите Држави, против тероризмот. Ова се наведува во написот на весникот Вашингтон Тајмс во врска со најновите моменти за случајот „Раштански лозја“

Луѓето, меѓу дваесет и две и дваесет и девет години, беа убиени во март две илјади и втората во близина на Скопје. Тие беа обвинети дека пресретнале една полициска патрола и оти планирале напади врз странските амбасади во Македонија. Вашингтон Тајмс и Гардијан притоа наведуваат дека Ансар Барнеј, адвокат кој ги застапува семејствата на жртвите, подготвувал досие за настанот со цел покренување процес пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. „Ќе бараме од владата оштета од дванаесет милиони долари, по два милиона за секое семејство“ пишува Барнеј во пораката, испратена од Лондон, каде што е и седиштето на неговата организација за човекови права. Според него, убиените шестмина пакистанци и еден индиец не биле терористи кои биле тренирани во кампови во Пакистан за да изведат напади врз американски и европски интереси. „Тие беа економски мигранти кои илегално минуваа низ Македонија кон друга европска земја за да заработат пари за нивните сиромашни семејства“ вели Барнеј. Овие весници потсетуваат дека македонската полиција го обвинила поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски оти ја наредил нивната егзекуција и дека во тоа биле вмешани уште неколку лица. Обвинувањата се прв чекор во процесот што ќе води до судски процес, наведуваат Вашингтон Тајмс и Гардијан, додавајќи дека доколку се утврди нивната вина, тие би можело да се соочаат со казна доживотен затвор. „Вашингтон Тајмс“ додава дека пакистанската влада ја пофали Македонија за откривањето на, како што се оценува, ѓаволскиот заговор и за започнувањето на законската акција против оние што биле вмешани во него. Господин Барнеј упати и апел до европските земји и до Соединетите Држави да видат, како што пренесува овој весник, што се случува со невините луѓе во името на војната против тероризмот. Вашингтон тајмс, на крајот од написот пишува дека Македонија, од нејзиното осамостојување од Југославија во илјада деветстотини деведесет и првата година, ја прижелкува американската политичка и економска поддршка. Исто така се потсетува дека Македонија ја поддржа американската кампања против Ал Каида и оти има испратено свои сили во Ирак.
XS
SM
MD
LG