Достапни линкови

Победник Црвенковски, Кедев не ги признава резултатите


Еден час пред истекот на рокот, ДИК ги објави првичните официјални резултати од вториот круг на претседателските избори:

„ДИК согласно на записниците за собраните резултати од 34-те општински изборни комисии, утврди дека од 1693103 запишани гласачи во единствениот избирачки список, гласале 912605 гласачи или 53,84 насто. Во гласачките кутии имало 29,812 неважечки ливчиња. Бранко Црвенковски добил 553,522 гласа или 62,70 насто, Сашко Кедев добил 329271 глас, или 37,30 насто,“

изјави портпаролот на ДИК Зоран Таневски.

Конечните официјални резултати ДИК треба да ги соопшти во рок од три дена од одржувањето на изборите. До сега нема поднесено приговори до ДИК за евентуални нерегуларности, соопшти портпаролот на ДИК Зоран Таневски:

„Во меѓувреме течат роковите за поднесувањ на приговори, до пред влегувањето на оваа прес-конференција немаше поднесено ниту еден приговор. Според член 10к, од измените и дополнувањата на законот за избор на претседател, секој избирач или секој подносител на листа на кандидат, ако констатира неправилности во постапката за избор, може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа.“

ДИК без оценка за извештајот на мониторинг мисијата на ОБСЕ, односно ОДИХР, и без оценка за изборната процедура во вториот изборен круг. Тоа не е во наша надлежност, велат во ДИК:

„ДИК не дава политички оценки, туку ги спроведува изборите.“

Инаку, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, денеска ја запознал европската мониторинг мисија за изборните нерегуларности при вториот круг од претседателските избори во Македонија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Груевски во разговор со претставникот на мисијата Мајкл Френкланд, му ја доставил листата со инциденти кои се случиле во вториот круг од изборите и го известил дека таа листа е испратена до европакиот парламент, до американскиот конгрес и до повеќе високи претставници на меѓународната заедница.
XS
SM
MD
LG