Достапни линкови

Македонија треба и натаму да работи на постигнувањето европски стандарди


Македонија не треба да се занимава со прашањето дали Хрватска прва добила позитивна оценка за апликацијата, едноставно треба да се работи на постигнување на европските стандарди, смета професор Билјана Ванковска од Институтот Евробалкан. Според неа проблемот што Македонија во моментов е зад Хрватска е тоа што кај нас не е искористен периодот кога во останатите држави во регионов имаше конфликти, а кај нас ситуацијата беше погодна за спроведување реформи:

„Хрватска влегува во повисока фаза, меѓутоа и таа фаза ќе потрае. Тоа значи дека не можеме веднаш да паѓаме во депресија дека ете Хрватска се извлекува од регионот, чекори напред. Не е тоа така едноставен процес. Кај нас, за жал, моментот во кој ние предничевме во овој процес се поклопи со моментот во кој цивилизациски отидовме многу назад, а тоа беше конфликтот во земјата 2001 година и тоа реално не врати многу години наназад. Хрватска ги имаше најлошите години во едно време кога ние бевме оаза на мирот, кога можевме, а очигледно не сторивме доволно,“

вели Ванковска која додава дека во контекст на евроинтеграциите важно е и опкружувањето на нашата земја:

„Регионалната ситуација во која ние сега се наоѓаме. Хрватска има други соседи. Ние имаме нешто друго на јужниот дел од Балканот, така што тука имаме можности да веруваме дека се можни и други дестабилизации.“

Професор Ванковска укажува дека пред Македонија е еден период во кој треба да се работи многу и тоа во сите области.

„Фактот на поднесување на апликацијата треба да биде стимул, ама да не се залажуваме. Додека се разгледа таа апликација ќе помине година и пол, а потоа во најдобар случај ќе добиеме и ние сугестии што се треба да сработиме за да станеме членки. Во секој случај ни претстои период на долго, мачно работење.“
XS
SM
MD
LG