Достапни линкови

Безризичен начин на штедење


Од 20 јануари оваа година министерството за финансии започна со издавање на краткорочни државни записи, чија цел пред се е да се извлечат парите на населението од под перница. Заклучно со вчерашната аукција, министерството за финанси во осум наврати пушти во промет краткорочни хартии од вредност од овој тип:

„Во моментот може да тргуваат само банките, но преку банките може и населението. Затоа што најниската стапка е 10,000 денари и клиенти може да бидат граѓаните, но само преку банките.“

објаснува заменик министерот за финансии Димко Кокаровски. Каматата на државните записи се одредува пазарно, во зависност од понудата и побарувачката. Досегашното искуство вели, со краткорочните државни записи се остварува годишен приход кој е најмалку за два насто повисок од приходот кој би се добил доколку средствата бидат пласирани во некоја од комерцијалните банки која нуди најдобрата годишна камата за штедни влогови.

„Тоа е типичен вид на штедење за населението затоа што носат камата и каматата зависи од котацијата на пазарот, последната котација беше девет насто на три месеци, така што е нешто повисока од каматните стапки на комерцијалните банки.“

Покрај стимулирањето на штедењето на граѓаните со издавањето на државните записи ќе се овозможи поефикасно управување со ликвидноста на буџетот, а ќе се подобри и структурата на долгот на државата.

„Државните записи се безризични затоа што зад нив стои државата.“

За оваа година министерството за финансии планира во промет да пушти краткорочни државни записи во вредсност од две милијарди денари.

„А, за догодина припремаме стратегија и за концептот за развивање на долгорочни обврзници. Тоа е можност за развој и на вториот пензиски столб.“

е ставот на заменик министерот за финансии Димко Кокаровски.
XS
SM
MD
LG