Достапни линкови

Црвенковски и Кедев во вториот круг


Првиот круг на претседателските избори помина, а синоќа сите изборни штабови објавија дека победил нивниот кандидат. Се разбира, некои победи се реални, некои морални, некои пирови. Некои славеа со аплаузи, овации, песни, а некои со рафални истрели. А, што велат првичните официјални резултати. По обработени околу 800,000 гласачки ливчиња, како што соопшти ДИК, на гласање вчера излегле 55,4 насто од избирачите запишани во единствениот избирачки список. Како што инфирмира портпаролот на ДИК Зоран Таневски, кандидатот на ДПА Зуди Џелили освоил 8,31 насто од гласовите, кандидатот на СДСМ Бранко Црвенковски 42,89 насто, кандидатот на ДУИ Гзим Острени 14, 27 и Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ има 34,53 насто од гласовите. Првичните комплетни резултати ДИК ќе ги објави денеска напладне.

А, какви се резултатите и реакциите во изборните штабови на кандидатите. Бранко Црвенковски кој според сите резултати освоил најмногу гласови доцна синоќа ја даде следнава изјава:

„Благодарам на сите граѓани на Република Македонија што денеска учествуваа на изборите и што со својот глас се вградија во една крупна и значајна одлука. Се надевам, убеден сум, дека на 28 април, во уште поголем број ќе излезат на гласачките места. Посебно сакам да се заблагодарам на оние граѓани што ми ја дадоа поддршката токму мене. На овие избори, ние не излеговме да бидеме против некого, туку излеговме да бидеме за својот кандидат, за својата програмска определба, за нашата иднина, за нашата визија за Република Македонија. И бидете убедени, на 28 април од ова исто место ќе ви се обрати идниот претседател на Република Македонија. Некои избројаа дека им се доволни 320 часа за да победат, малку се 320 часа. 13 години се зад нас, и на 28 април ќе славиме заедничка победа. Да живее Македонија!“

А, убеденост дека на 28 април ќе објави победа изрази и Сашко Кедев:

„Готов е! Сигурно е готов. Првото полувреме не го изгубивме. Ни претстои второто полувреме. Ни претстои второто полувреме во коешто ќе ги охрабриме сите Македонци, целокупниот македонски народ којшто не излезе на овој прв изборен термин. Ќе ги охрабриме сите Албанци коишто се исплашени од функционирањето на полициската држава во Република Македонија. Ќе ги охрабриме сите припадници на сите етнички заедници коишто живеат во Република Македонија, дека ја имаме шансата, еднаш засекогаш да го отстраниме ова деструктивно лице на Република Македонија, коешто го раскара македонскиот народ, сега сака да ги раскара Албанците, сака да ги раскара сите етнички заедници коишто живеат во Република Македонија. Денеска го добија максимумот којшто може да го добијат. Максимумот којшто во моментов е помал од гласовите што ги доби господинот Тито Петковски на последните претседателски избори. Денес ние добивме 100,000 гласа повеќе од последните претседателски ибзори во првиот изборен круг. Што значи тоа? Тоа значи вовед во нашата конечна победа. Единствено ми е жал, што најверојатно ќе ги разочарам нашите членови и симпатизери, дека прес-конференцијата на којашто ќе го прославите идниот претседател на Република Македонија, ќе морам да ја држам во партиските простории на нашиот политички конкурент, бидејќи ја земав обврската таму да се претставам како иден претседател на Република Македонија.“

Ермира Мехмет пак, од изборниот штаб на Гзим Острени од ДУИ, изјави дека тој извојувал убедлива победа над кандидатот на ДПА:

„Со задоволство можам да објавам дека кандидатот на ДУИ и ПДП господинот Гзим Острени, води на ниво на Републиката со 73087 гласа, наспроти 38935 гласови собрани за кандидатот на ДПА Зуди Џелили.“

Во ДПА пак велат дека се задоволни бидејќи успеале по демократски пат да се легитимизираат:

„Имаме апсолутна победа во Тетово, буквално можеби во сите избирачки места или 90 насто од избирачките места. Имаме апсолутна победа во Гостивар и таму буквално ви сите избирачки места или 90 насто од избирачките места. По наши информации во Скопје во сите општини, во поголемите општини каде што живеат Албанците, како Сарај, Кондово, Арачиново резултатот е изедначен, во предност сме и во Струга. Во Дебар изгубивме 2000 со 1000. Вие сигурно забележавте дека не споменувам еден град воопшто. Родниот крај на господинот Али Ахмети, каде тој по традиција буквално ги грабнува сите гласови и за нас тие гласови таму се неважечки и нема да ги сметаме во целокупниот резултат. Исто така имаме во Скопска Црна Гора, каде бившиот другар и пријател на господинот Ахмети, таканаречениот командант Хоџа, кој буквално ги грабна гласовите, 400 со 0 во Вреза, 500 со 0 во Малина, не ги ни знам другите села, ама таму буквално се украдени сите гласови,“

изјави Мендух Тачи од ДПА, а во фон имаше рафални истртели од оние кои ја славеја победата.

А, во граѓанската асоцијација „Мост“ што на изборите имаше најмногу набљудувачи, велат дека според таканаречената ПДТ програма што тие ја работеле вчера, одзивот на гласачите е 54,5 насто.

„Проекцијата е дека кандидатот на СДСМ Брано Црврнковски доби 43,1 насто од вкупниот број излезени гласачи, Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ има 35,6, Гзим Острени од ДУИ има 13,8 и Зуди Џелили од ДПА има 7,5 насто. Битно е да се напомене е дека статистичката грешка на системот е 1 насто,“

изјави првиот човек на мост Дарко Алексов.
XS
SM
MD
LG