Достапни линкови

Силен бран на ширење на англискиот јазик во Европа


Нов силен бран на ширење на англискиот јазик ја заплиснува Европа. Тоа особено, како што сметаат експертите, ќе биде поинтезивно по Први мај годинава кога во Европската Унија ќе влезат уште десет нови земји членки.

Во почетокот на минатиот век Францускиот беше универзален јазик на светската дипломатија. Во поголем дел на Централна Европа пак, германскиот често беше втор јазик на образованите луѓе. Во ова подрачје, за време на советското владеење, задолжително беше познавањето на рускиот јазик. Сега тоа е сменето. Англискиот стана потреба во комуницирањето меѓу соговорници кои говорат различни јазици. Во Европа, тоа ќе биде позабележително со предвиденото проширување на Европската Унија во мај годинава. Германците се спротивствуваа на ваквата појава, но сега по се изгледа како да се предадоа. Французите се уште се борат. Тие во седиштето на Европската Унија дури нудат бесплатни часови по француски со цел да не се заборави, како што пишува во веста на агенцијата Франс прес, јазикот на Молиер. Дана де Берц, инструктор во јазичниот гигант Берлитц во Чешка вели дека голем број луѓе учат англиски јазик, не затоа што го сакаат, туку поради тоа што тој станал потреба во ова време.

„Тоа се повеќе и повеќе станува важно поради проширувањето на Европската Унија. Пред тоа, англискиот се употребуваше како таканаречен туристички јазик, но сега тој ќе стане потреба за владините службеници и за стопанствениците. Луѓето кои сакаат да напредуваат во кариерата, ќе мора добро да го знаат англискиот јазик.“

Со дваесет и пет членки, јазичното прашање во Унијата ќе добие на важност. Имено, бројот на можните комбинации во јазичните комуникации, според пресметките ќе се зголеми на четиристотини. Шефот на преведувачкиот тим во Унијата Карл Јохан Ленрот неодамна имаше големи главоболки да најде некој кој може да преведува од малтешки, најмалиот официјален јазик во Европската Унија и од фински, кој се смета за најтешкиот. Од друга страна, Ерик Мамер, портпарол на Европската комисија за реформи во администрацијата, смета дека проблемот може да биде надминат едноставно, односно ако се продолжи со употребата на сегашниот систем. Колку за пример ако нешто треба да преведете од малтешки на фински и обратно тогаш тоа ќе го направите со посредство на англискиот јазик.

„Неоспорливо е дека ширум светот, а со тоа и во Централна Европа, англискиот стана прв јазик на изучување во училиштата. Следуваат германскиот и францускиот, но тие се многу зад англискиот јазик.“

Вели Мамер, кој додава дека еден од најважните предуслови за постоењето на Европската Унија е почитувањето на мултијазичноста во нејзините рамки. Инаку, со претстојно проширување на Унијата, според пресметките, трошоците за преведување од сегашните петстотини милиони ќе бидат зголемени на осумстотини милиони евра годишно.
XS
SM
MD
LG