Достапни линкови

Прашањето за Косово не може да се одлага во недоглед


Прашањето за статусот на Косово не може да се одлага во недоглед. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го вели Џефри Гедмин, директор на АСПЕН институтот во Берлин. Според него, меѓународната заедница мора да каже дали е за или против независноста на Косово и под какви услови.

НАТО интервенцијата пред пет години, според директорот на АСПЕН институтот Џефри Гедмин, го спречи крвопролевањето на Косово, но, како што вели, длабоките рани од периодот пред влегувањето на меѓународните сили, не можат лесно и брзо да зацелат. Осврнувајќи се врз неодамнешните косовски насилства Гедмин вели:

„Не знам точно кој би можело да стои зад нив, освен што, генерално говорејќи, во Југоисточна Европа, а во тој контекст и меѓу албанците и меѓу србите, постојат недемократски, националистички сили кои не се заинтересирани за помирување, за изградба на граѓанско општетство и за демократска обнова. Тие пружаат отпор на сето она што меѓународната заедница настојува да го промовира. Тоа е сериозен предизвик, и безбедносен и политички.“

Одговарајќи на прашањето, дали ваквите ситуации можат политички да му користат на кососвското раководство во неговите заложби за независно Косово Гедмин одговора:

„Голема грешка е ако која и да е политичка струја мисли дека насилството може да помогне во стекнување независност. Тоа е контрапродуктивно. Ќе наведам еден пример, иако треба да се биде претпазлив со аналогиите. Палестинците бараат независна држава. Меѓутоа, секој пат кога некој од екстремистите ќе употреби бомба и убие трудна жена или тинејџери кои играат во израелските дискотеки, тоа не помага во борбата за независност. Значи, косоварите чиј стремеж за независно Косово е легитимен, треба да знаат дека тоа е единствено остварливо низ демократски процес.“

Вели директорот на АСПЕН институтот во Берлин Џефри Гедмин во интервјуто за Радио Слободна Европа. Според него, евентуалната независност на Косово нема да ги реши сите проблеми, но, како што додава, тоа во најмала рака, би било дел од решението. Во врска со иницијативата на меѓународната заедница дека на Косово треба да бидат иполнети одредени стандарди пред да почнат разговорите за конечниот статус Гедмин посочува:

„Можно е тие две работи интелигентно да се искомбинираат. Можно е да се утврди некаков вид распоред. Тоа ќе биде некаква карта на патот за да им се помогне на косоварите економски да застанат на нозе и да ја развијат демократијата. Таа скица би била одговор на загриженоста на меѓународната заедница, на малцинствата на Косово и на соседните држави дека Косово ќе ги почитува човековите права и ќе им биде сигурен партнер на другите земји во регионот. “

Вели Џефри Гедмин, наведувајќи дека во таквиот план мора да бидат превидени механизми за постигнување на зацртаното. На прашањето дали во случај на независно Косово, ќе биде тешко да се зачува целовитоста на Македонија и на Босна Гедмин на став:

„Ако Косово стане независно, сигурно е дека тоа ќе има последици и, можно е, некои од нив да бидат негативни. Меѓутоа, треба да се размислува стратегиски, но така што тоа да биде остварливо чекор по чекор.“

Оценува во интервјуто за Радио Слободна Европа директорот на берлиснскиот АСПЕН институт Џефри Гедмин.
XS
SM
MD
LG