Достапни линкови

Останува впечатокот дека кампањата е една од најмирните


По вчерашното мало затишје на предизборната кампања, од денеска активностите на четворицата кандидати за претседател влегуваат во својата завршница. Иако во изминатата недела имаше неколку моменти кои може да се толкуваат како побурни, сепак останува констатацијата дека оваа кампања е една од најмирните и најнединамичните кај нас. И ако во почетокот констатиравме дека нема отровни стрелички, сега тие беа исфрлени, но не со голема доза. Забележавме ситни пецкања, главно меѓу Сашко Кедев и Бранко Црвенковски, односно меѓу Зуди Џелили и Гзим Острени, но сепак, без преминување на црвената линија. Заеднички именител на сите аспиранти на претседателската функција е дека тие ќе се залагаат за што побрзо зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО

„Ние сме заинтересирани за изградување на европски стандарди кои ќе овозможат што побргу Република Македонија да гради европски односи. Не водиме дневна политика, туку имаме долгорочна политичка програма. Имаме определени цели кои треба да ги постигнеме, а тие цели водат кон ЕУ и НАТО.“

вели Острени, а Црвенковски во тој контекст со прецизни рокови:

„Во текот на 2006 година да ја добиеме поканата, а во текот на 2007 година да станеме полноправна членка на НАТО алијансата. При крајот на идната година ќе го добиеме одговорот на ЕУ и во тој одговор ќе стои дека Македонија го стекнала статусот на кандидат за членство во ЕУ.“

Една од темите кои доминираат во кампањата е и рамковниот договор, односно различните ставови околу брзината на неговото спроведување:

„Ќе бараме да се одреди рок до кога треба да се спроведе рамковниот договор. Ние ќе бараме нов дијалог со македонската страна, да видиме кои се проблемите и зошто не се спроведува рамковниот договор. Ние не сме задоволни и можеме да го аргументираме неспроведувањето, а и меѓународната заедница укажува дека во Македонија обичниот граѓанин сеуште не го чувствува Рамковниот договор.“

истакнува Џелили. Прашање за кое многу се говори во предизборните настапи е и нивото на меѓуетничките односи:

„Меѓуетничките односи се суштинскиот дел, каде што сите заедно треба да направиме најголем напор. Бидејќи, ако не дојде до суштинско, повторувам суштинско, не козметичко подобрување на меѓуетничките односи не можеме да очекуваме сигурна стабилна и мултиетничка Македонија,“

вели Кедев.

Карактеристично за оваа недела беше и првото телевизиско соочување на кандидатите на „Телма“, со тоа што Џелили не учествуваше. Тогаш Црвенковски и Кедев не можеа да постигнат согласност за работното време на идниот претседател:

Црвековски:„На пример, да претпоставиме ќе станете претседател на државата. Вие ќе работите 365 дена по 24 часа на ден? Или на пример, некогаш ќе имате десет дена одмор?“

Кедев:„Вака, според моите работни навики коишто ги имам стекнато, мислам дека е сосема нормално да се очекува дека работниот ден на претседателот е 24 часа, а исто така и на извршната власт.“

Црвенковски:„Спие некогаш претседателот?“

Кедев:„Ако спие, понекогаш и во спиењето доаѓаат идеи.“

Црвенковски:„Во спиењето доаѓаат идеи?“

Кедев:„Да, да.“


За спомнување е и повтореното ветување на премиерот Бранко Црвенковски, кој на дебатата на „Телма“ рече:

„Ако јас бидам поразен, односно ако вие победите, тогаш во истиот момент јас повеќе нема да бидам ни претседател на владата, ни претседател на СДСМ, ниту повеќе ќе се бавам активно со политика.“

Значи, во секој случај, не очекува еден долг период на избирање, вели публицистот Исо Руси:

„Парламентот ќе се бави со избор на новата влада. Се плашам дека ќе бидат поттурнати и роковите за усвојување на пакетот закони за децентрализација, сето тоа може да ги одложи локалните избори. Практично, една цела година ќе се бавиме со избори.“

Претстојните велигденски празници се вистинска шанса да се одмориме И подготвени да влеземе во периодот на избори.
XS
SM
MD
LG