Достапни линкови

Иран има лоши намери со Ирак


Од паѓањето на режимот на Садам Хусеин, Иран често ја повторува својата желба за добри односи со Ирак. Официјален Техеран беше меѓу првите што ја призна привремената ирачка влада што ја формираа американците. Но, не сите веруваат во ваквите јавни заложби на Иран.

Иран не жалеше поради паѓањето на Садам Хусеин до кое дојде по воената интервенција на сојузниците предводени од Соединетите Држави. Иран беше единствената земја против која Ирак употреби хемиско оружје во десет годишната меѓусебна војна во која загинаа милиони луѓе. Но, колку што иранската влада изразува желба да учествува во обновата на Ирак, официјален Вашингтон ги повторува обвинувањата до Техеран дека се меша во ирачките внатрешни работи.

„Знаеме дека иранците се мешаат во Ирак. Но, мислам дека ирачаните нема да сакаат да бидат доминирани од некоја соседна земја.“

Изјави американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд на завчерашната прес конференција во Вашингтон. Иранските аналитичари, како Давуд Хермдас Баванд кој е професор по меѓународно право во Техеран, не се согласуваат со ваквите тврдења.

„Иранската намера е да развие соседски односи со Ирак во разни сфери, од економската, до политичката.“

За разлика од Баванд, аналитичарот Мајкл Рубин од Вашингтонскиот политички институт смета:

„Верувам дека иранците имаат лоши намери во врска со Ирак. Секако дека Иран сакаше да го види паѓањето на Садам Хусеин, но не и развојот на стабилна демократска земја на своите граници.“

Други експерти пак сметаат дека во Иран не постои конзистетна политика спрема Ирак. Тоа, според Алиреза Нуризадех, директор на Центарот за арапски студии во Лондон, се должи на многуте различни ирански фракции кои, нормално имаат разни цели.

„Треба да ги имаме предвид различните фракци. Таканаречените конзервативци не сакаат Ирак да стане секуларна држава. Од друга страна се реформистите кои веруваат дека доколку демократската влада успее во Ирак тоа би можело да има позитивно влијание и врз Иран.“

Смета Нуризадех. Иран е муслиманска држава на шиитите, истата исламска група што е мнозинско население и во Ирак. Затоа постојат и мислења, дека сегашниот бунт на ирачките шиити, предводени од Моктада ал Садр, против сојузничките сили, се поддржани од Иран.

„На петти април кога се појавија проблемите меѓу Моктада ал Садр и коалиционите сили, иранскиот конзервативен Ајатолах Казем Хаери упати закани против американското присуство во Ирак. Приврзаниците на ал Садр добиваат и пари преку Иран.“

Вели Мајкл Рубин, додавајќи дека тоа е негово лично мислење, базирано врз неговиот осум месечен престој во Ирак.
XS
SM
MD
LG