Достапни линкови

Нема потреба од големи промени во политичкиот систем


Во Македонија нема потреба од промена на политичкиот систем во смисла на намалување или пак зголемување на улогата на претседателот на државата, велат експертите. Тоа прашање, оценуваат тие, најчесто се отвора поради дневните интереси на политичките лидери. Според експертите, потребно е само јасно разграничување на надлежностите на владата и шефот на државата. Односно, допрецизирање на надлежностите на претседателот. Тоа е посебно важно во надлежностите во делот на надворешната политика.

„Тука е добра интервенција, во смисла на воведување на институтот, потпис, што значи, одлуките коишто ги донесува владата во сферата на меѓународните односи, да бидат условени со потписот на претседателот. Таа да не може самостојно да признава други држави и влади, без за тоа да добие согласност од претседателот. Во тој домен би можело да се направат промени на зајакнување на функцијата на претседателот и профилирање и разграничување на неговите функции со функциите на владата. Со тоа што владата би ги задржала фунцкиите коишто ги има, но би била условена со потписот на претседателот.“

изјави Рената Дескоска од Правниот факултет која додава дека помали интервенции се потребни и во делот на одбраната:

„Во времето на воениот конфликт, се виде дека во Република Македонија и министерот за одбрана и претседателот на државата имаат значаен збор во поглед на прашањата за одбраната и дојдовме во ситуација да треба да се соработува. Можеби тука треба да се направи појасно разграничување на надлежностите за да се знае кој е доминантниот и кој е главниот во водењето на одбраната.“

Поради осетливоста на прашањето за промена на Уставот Дескоска вели дека мора да се оди претпазливо, бидејки се отвораат низа на прашања. Токму поради тоа, таа порачува дел од прашањата кои може да се регулираат со законски норми тоа да се стори прво со законот за надворешни работи, па потоа да се разгледува опцијата за промена на уставот:

„Кога станува збор за уставни промени во Република Македонија се покажа дека секогаш кога го отворате прашањето за промена на Уставот, како да отворате пандорина кутија и не знаете што ќе излезе од неа. Јас не сум заговорник за често менување на уставот. Факт е дека нашиот устав е несовршен, дека често пати генерира проблеми. Меѓутоа, факт е дека во земја во којашто сеуште има отворени прашања е многу опасно кога зборувате генерално за менување на уставот.“
XS
SM
MD
LG