Достапни линкови

Стабилноста на регионот, услов за економско заживување


Сакаме да упатиме силна порака дека меѓународната заедница ќе продолжи да учествува во мировниот процес и трајниот економски развој на Западен Балкан. Оваа изјава на јапонскиот шеф на дипломатијата Јорико Кавачу што агенциите ја пренесуваат од конференцијата во Токио ја сумира основната цел на нејзиното одржување – демонстрација на насоченоста кон стабилизицијата и економскиот развој на Балканските земји. Така се насловени и двете работни теми на дводневниот состанок што се одржува во организација на Јапонија и Ирска како актуелен претседавач со Европската Унија на кој учествуваат претставници на 40-тина земји, меѓународни финансиски институции и државите од регионот.

Макеонија ја претставува делегација предводена од министерот за транспорт и врски Агрон Буџаку. Од политички аспект, оваа конференција е важна поради фактот што на неа се констатира стабилизацијата на регионот како предуслов на економското заживување, вели портпаролот на македонското министерство за надворешни Душко Узуновски:

„Самиот факт што се одржува една ваква конференција, покажува дека одиме во правец на економскиот прогрес, односно на политичкото стабилизирање на просторот од страна на светските фактори се гледа на консолидиран процес“

Во таа насока се и конкретните очкувања на земјите од регионот и од Македонија за јапонскиот ангажман во економскиот развој:

„Пред се, конференцијата е од подготвителен аспект, за она што може јапонскиот бизнис, којшто и досега беше доста присутен на овие простори.“

Сепак економските експерти со скепса гледаат на ефектите од овој вид конференции. Професор Наталија Николовска од економскиот факултет.

„Немам високо мислење во однос на решавањето на разојните проблеми преку конференции. Маргинални ефекти се во однос на заинтересираноста на кредиторите да учествуваат во помагањето на развојните проблеми.“

Според Николовска клучниот проблем е несоодветната стратегија на меѓународната заедница кон регионот

„Која што сега за сега не е развојна. Значи, ова се пасивни подрачја и во тој контекст, целокупната макроекономска политика не може да предизвика радикален пресврт во поглед на создавање инвестиционен циклус, туку во пасивно прифаќање на различни типови на странско финансирање, кое пак не може освен козметички ефекти, на моментално или за година две подобрување на конјуктурата, не може да ги решат проблемите кои тука се напластени.“
XS
SM
MD
LG