Достапни линкови

Бранко Црвенковски, претседателски кандидат на СДСМ. Чувар на генералниот курс на Република Македонија


Кои се мотивите поради кои се кандидиравте за претседател?

Па, имав повеќе причини, меѓутоа во оваа прилика би издвоил само неколку од нив. Првата е, тоа што, по мое мислење е исклучително важни и значајно Македонија да има успешни претседателски избори, што значи да се избере претседател на репулбиката и да не се дозволи да се влезе во некоја институционална, подоцна можеби и политичка криза. Вториот мотив, или предизвик е што навистина имам огромна желба, да ја видам Македонија, крајно мирна, стабилна, безбедна, сигурна. Македонија членка на НАТО. Членка на ЕУ. И сметам дека со искуството коешто го имам, со волјата којашто ја имам и се разбира заедно со граѓаните на Република Македонија овие цели можеме да ги оствариме.

Во вториот изборен круг, сметате ли на гласови на избирачите кои се определиле за некој кандидат што ќе излезе од изборната трка?

Па да, очекувам дека и во вториот круг ќе има масовен одзив од страна на граѓаните и дека, се разбира, оние коишто гласале за некои од кандидатите коишто не успеале да влезат во вториот круг, сепак повторно ќе го исполнат и своето право, меѓутоа и својата граѓанска обврска и повторно ќе се определат за некој кандидат од оние коишто избориле влез за вториот круг. Така што, очекувам дел од тие гласови да бидат дадени и за мене и да ја добијам нивната поддршка.

На кои прашања ќе ставите акцент во текот на кампањава?

Па, не треба да заборавиме дека се работи за претседателска кампања. Тоа значи дека се очекува од кандидатите, пред се да ја изложат својата програма и својата визија за решавањето на прашањата поврзани со нивните уставни надлежности и ингеренции. Претседателот на државата, според нашиот устав, пред се, има огромни надлежности во делот на надворешната политика, во делот на одбраната, меѓутоа исто така и во делот на создавањето една внатрешна интегрираност или кохезија меѓу самите граѓани. Затоа и во една прилика реков, дека тој, на некој начин, претставува чувар на генералниот курс. Оттука, во овие настапи во текот на кампањата, во главно ќе се сконцентрирам токму на тие прашања. Што значи, како да се постави надворешната политика, со цел на најдобар начин да се задоволат националните и државните интереси на Република Македонија и во тој контекст, е апсолутно јасно дека Република Македонија мора да ја изнајде формулата, иако можам да кажам дека и во овој момент мислам дека имаме добри резултати на тој план, да гради добри односи со своите соседи. Да гради добра регионална соработка. Ние на некој начин сме и иницијатор и промотор на таа регионална соработка, бидејќи тоа е наш сопствен интерес. Доколку целиот регион е стабилен, доколку целиот регион напредува, до таа мера и амбиентот за напредокот на Република Макеоднија ќе биде подобар. Исто така се разбира, дека ќе треба да се вложуваат големи напори во процесите на интегрирање во НАТО алијансата и во ЕУ. Реформите во делот на одбраната, во делот на АРМ се клучни и значајни. Јас сум уверен дека во кус временски период ќе бидат во целост реализирани и дека ќе се исполни веќе зацртаниот план, а тоа е во текот на 2006 година да ја добиеме поканата, а во 2007 да станеме полноправна членка на НАТО алијансата. Што се однесува до процесот на интегрирање во ЕУ. Апликацијаат е веќе поднесена, процесот на некој начин отпочнува, убеден сум дека со добра организација и со еден напорен ангажман во наредниот период, во текот, односно при крајот на наредната година ќе го добиеме одговорот од страна на ЕУ и дека во тој одговор ќе стои дека Македонија го стекнала статусот, кандидат за членство во ЕУ. На внатрешен план, многу е битно да се јакне меѓуетничката доверба, толеранција. Јас сум длабоко уверен дека меѓуетничките односи се стобот, темелот на којшто се потпира стабичноста и иднината на оваа држава. И сметам дека тука, претседателот на државата има исклучитечна улога.

Да се задржиме во областа на наворешната политика. Како на пример, Македонија има нерешени прашања со некои од соседите, еве на пример со Грција, отворено е прашањето за името на земјава, како би настапувале?

Па, јас сум убеден дека околу разликите коишто постојат помеѓу нас и Грција во врска со нашето име, релативно брзо, кога велам релативно брзо, значи во овој мандат на идниот претседател, ќе треба и ќе мора да се најде разрешница. Нашата позиција е јасна, тоа е уставното име на Република Македонија. Она што сметам дека во овој момент ни дава простор за оптимизам е тоа што во текот токму на оваа година се направија значајни исчекори во релацијата и односите со клучни меѓународни фактори, кои што не веќе не само на декчаративно или политичко ниво, туку и низ нормативни акти почнаа да го користат нашето уставно име и сметам дека сме на добар пат да дојдеме до завршница околу ова прашање. На оној начин, на којшто посакуваат сите граѓани на Република Македонија.

Неодамна на Косово имаше немири. Според вас, како би влијаело решавањето на статусот на Косово врз Македонија?

Дефинирањето на финалсниот статус на Косово е на некој начин всушност, последниот тест за Балканот и за целиот регион. И потполно ги разбирам сите оние аналиичари коишто во очи на тој процес, предупредуваат дека треба да се изведе на еден внимателен начин, со цел да не се предизвика некоја нова дестабилизација. Ние сме непосредни соседи на Косово и на некој начин мора да е јасно дека некои работи мора превентивно да ги преземеме. Јас сум еден од оние, коишто постојано тврди дека иднината на Косово и иднината на Македонија не се поврзани. Меѓутоа, овој период треба да го искористиме максимално. Прво, во целост да се имплементира Рамковниот договор и на тој начин да се затворат сите крупни меѓуетнички прашања во Република Македонија и тоа не врз основа на наша проценка, туку и со меѓународна верификација. Понатаму, да се одбележи границата помеѓу нас и Косово и од страна на косовските авторитети таа да биде прифатена како трајна, неповредлива и непроменлива. Да се направи значаен исчекор на планот на интегрирањето кон НАТО и ЕУ. И со сето тоа заедно да се создаде една ситуација, или еден амбиент во којшто помирно и поспокојно Македонија може да го очекува тој процес и неговата разрешница.

Сеуште чувствителна тема во земјава се меѓуетничките односи. Каква би била вашата политика во овој дел?

Па, мислам дека таа е јасно декларирана и тоа во подолг временски период меѓуетничките односи се клучни за стабилноста на Македонија. Тие се клучни за секоја земја што има таква структура на населението. Ако треба да извлечеме поука од она што ни се случуваше во 2001-та, тоа е дека со мирот, со стабилноста и со меѓуетничките односи не смее да има експериментирање. На тоа прашање треба постојано да се внимава, над тоа прашање треба постојано да се бдее, и јас длабоко верувам дека постои искрена волја кај сите наши граѓани и Македонци и Албанци, меѓутоа и останатите: Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, да живееме во заедничка држава и тоа во држава којашто ќе напредува. Ако има напредок за секого од нас поодделно, верувам дека со Рамковниот договор се поставија нови основи, каде што чувството на рамноправност и еднаквост е уште поголемо, посилно и дека сето тоа ќе создаде претпоставки лојалноста кон државата да стане уште посилна дури и од лојалноста кон сопствената националност или кон сопствениот народ.

Вие како премиер најавивте дека токму оваа година ќе се работи на економски план. Ќе се стави акцент на проблемите во економијата. Доколку бидете избран за претседател, колкави ќе бидат вашите ингеренции, колку вие ќе можете да дадете придонес во оваа област?

Според уставот на Република Македонија претсдателот нема директни ингеренции во креирањето на економската политика. На еден начин, тој не може директно да ги решава секојдневните проблеми на граѓаните. Меѓутоа, од друга страна, тој има голема одговорност, да создаде еден амбиент, да создаде сигурност за да може да се решаваат економските проблеми и да се решаваат оние социјални оптеретувања коишто ги чувствуваат нашите граѓани. Што видовме во изминатиот период? Дека во една држава, каде што има страв од војна, каде што нема сигурност, каде што нема безбедност, нема инвестиции, ако нема инвестиции нема ни нови фабрики, ни нови работни места. Често пати ми го поставуваат прашањето што сме направиле ние како влада во изминатите 15 месеци. Ние го вративме мирот, ја вративме стабилноста, ја вративме безбедноста, ги вративме меѓународните позиции на Репулбика Македонија и на тој начин, сега, создадовме услови целосно да се посветиме на економијата и на борбата против сиромаштијата и невработеноста. Значи, тука имаме една комплементарна улога помеѓу претседателот на државата и владата. Владата ги решава економските проблеми, претседателот на државата го создава амбиентот за тоа да може да се случи на најдобар можен и ефикасен начин. И мислам дека, најавата која што беше дадена за 2004 година, не мислам, туку убеден сум дека во целост ќе биде реализирана. Ова ќе биде навистина година во којашто ќе забележиме економски раст. Каде што ќе направиме конечно еден пресврт на тој план и јас верувам дека сите ќе бидеме сведоци на тоа дека лошиот период и периодот на лошите трендови дефинитивно завршува зад нас.
XS
SM
MD
LG