Достапни линкови

Од септември и со специјална единица на јавното обвинителство


Со оформувањето на специјалното одделение за борба против организираниот криминал, според очекувањата, некаде во септември годинава, на обвинителството му се отрвора простор да се справи со најтешките облици на криминалот. Седиштето на одделението ќе биде во Скопје, под директна надлежност на јавниот обвинител и во првиот момент ќе брои од осум до десет заменици обвинители, од редот на веќе избраните, вели скопскиот јавен обвинител Стерјо Зиков:

„Истото ќе може да постапува пред сите судови во државата. Тоа значи дека одделението ќе може да постапува на предмети што се водат во Битола, Охрид или Штип.“

Обвинителите ќе работат исклучиво на предмети поврзани со организираниот криминал и тесно ќе соработуваат со МВР, финансиската полиција, царината, вели Зиков:

„Со МВР во делот што се однесува за примена на специјалните истражни мерки. Сега во фаза е измената на Законот за кривична постапка, којшто ќе ги регулира и примената на специјални истражни мерки, како што е прислушкивањето, агент провокатор, контролирана испорака. Затоа што сме свесни дека само со употребата на најновите методи, може обвинителството да се справи со овој тип на криминал.“

Се размислува обвинителството да се екипира и со специјализирани судии, вели Коста Петровски од Здружението на обвинители:

„Се претпоставува, во рамките на акциониот план што го усвои владата, да има одредена специјализација и кај судиите. Тој тим, условно кажано, на судии и обвинители би требало да работи исклучиво на овој вид криминал.“

Очекуваме одделението да работи успешно, затоа што вакви одделенија успешно функционираат во Словенија и Хрватска:

„Во Словенија има од 97, во Хрватска има посебен закон, во Србија минатата година беа донесени закони за обвинителство што се занимава исклучиво со организиран криминал. Има и специјален суд, во Шпанија функционира еден век, во Албанија функционира малку поинаку, меѓутоа има специјализација. Фактички ова е реализација и на препораките на Советот на Европа во однос на специјализацијата и имплементирање на Палермо конвенцијата, која што треба да биде ратификувана за транс-националниот организиран криминал.“
XS
SM
MD
LG