Достапни линкови

Сашко Кедев, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Функцијата претседател на Република Македонија не е декларативна


Кои се мотивите поради кои се кандидиравте за претседател на Република Македонија?

Лично сметам дека Македонија поминува низ еден комплексен период од својот еволутивен развој, јас сум човек којшто добив исклучително квалитетно образование, можност за квалитетна и успешна лекарска професија, и можност за меѓународна афирмација токму од Република Македонија. Во моментов чувствувам дека е време кога и јас можам да и помогнам на мојата земја со ставање на располагање на сите мои квалитети, можности и потенцијали во решавање на многуте отворени прашања со коишто се соочува Република Македонија.

Како го коментирате самиот факт дека сепак Бошковски реши да оди како независен кандидат. Како гледате на тоа?

Тоа е лична одлука. Секој граѓанин на Република Македонија има уставно и законско право и можност да се кандидира и да биде биран.

Доколку влезете во вториот изборен круг, сметате ли на гласовите на некој кандидат што ќе излезе од изборната трка? Разговарано ли е на оваа тема и можно ли е тоа да бидат гласовите на партнерот од претходната влада ДПА?

Јас се кандидирав за претседател на сите граѓани на Република Македонија, без разлика на етничка, верска и партиска припадност и токму тука, сметам дека нема место за било какви калулации дека одредена групација или одреден етникум ќе одлучува или нема да одлучува на изборите. Изборите ќе ги одлучат сите граѓани на Република Македонија коишто ќе го изберат својот претседател.

Дали тоа значи дека очекувате од различни политички партии кандидатите коишто ќе испаднат, од сите нив, дека е можно да ви дадат поддршка?

Во секој случај самата кандидатура за претседател на сите граѓани на Република Македонија ја кажува и мојата предодреденост да бидат претседател на сите граѓани на Република Македонија. Значи тука се исклучуваат сите етнички, верски и партиски припадности.

А водени ли се конкретни разговори за евентуална поддшка понатаму?

Конректни разговори до сега немало, во однос на одредена партиска поддршка на мојата кандидатура.

Како го коментирате вклучувањето на шест министри од владата на Република Македонија во изборниот штаб на премиерот Црвенковски, којшто е и кандидат за претседател на коалицијата „За Македонија заедно“?

Тоа лично го гледам како еден континуитет во придржување и непридржување кон правата и обврските коишто ги има Владата на Република Македонија. Бидејќи вакви сценарио, до сега е невидено во развиените демократии. Поставете го ова прашање во било која европска земја и замислете во претседателски избори да учествува половина влада, со своите најважни, ударни министри во претседателска кампања. Најилустративен е примерот со потпретседателката којашто е одговорна за евро-интегративните процеси и еден ден после оставањето на апликацијата за членство во ЕУ во Даблин, ја напушта или ја става во мирување својата основна функција којашто е усмерена кон брзо и ефективно интегрирање во евроипските процеси, конкретно во ЕУ и ја завзаема позицијата на спикер или портпарол на актуелниот премиер. Тука би сакал да спомнам дека од декларативност дека сме за евро-интегративни процеси на владата, ние гледаме дека отстапување имавме еден ден по аплицирањето. Би сакал да потсетам дека секој изгубен ден има одраз на нашата брзина во спроведувањето на евро-интегративните процеси. А, знаете кампањата е непредвивлива. Колку време ќе трае првиот, вториот круг, дали ќе биде успешен или не, токму затоа да се избегнат сите шпекулации имаме еден многу несериозен пристап, којшто претставува замаглување на јавноста и дефокусирање и оддавање на приоритети на други партиски привилегии во однос на основните активности на коишто треба да биде усмерена владата на Република Македонија.

Во текот на кампањата на кои прашања ќе ставите акцент?

Најголем акцент ќе ставам на уставните права и обврски коишто му следуваат на претседателот на државата. Тука накратко би го споменал континуитетот во реформските процеси коишто се одвиваат во одбранбениот систем на Република Македонија коишто ќе овозможат да имаме современа армија, којашто ќе ги задивилува нашите потреби, а второ ќе биде во склад со НАТО стандардите. Потоа, ќе се придржувам до започнатите евро – интегративни процеси на Република Македонија. Меѓутоа, за разлика од моите главни конкуренти не на декларативен и на несуштински начин, туку на вистински, ефикасен и ефективен начин којшто би ја приближил Македонија во европските структури на најбрз и најефикасен можен начин. Исто така, не се за потценување и можностите на претседателот којшто претсавува лик на државата на меѓународен план. Дека со својот ангажман и со лична ангажираност ќе придонесе до привлекување на поголем број странски инвестиции, давање на сигурност на земјата на економски план и заживување на екомомијата во секој случај. Во однос на надворешната политика, би се фокусирал на затворање на некои отворени прашања коишто ги имаме пред се со соседите. Потенцирање и зајакнување на меѓусоседската соработка, врз основа на меѓусебна рамноправност и партнерство. И давање на подеднаква тежина и потенцирање на односите со сите соседи. Бидејќи ако ги анализирате релациите со сите соседи ќе видите дека имаме уникатни релации со секој сосед поединечно и дека имаме простор за унапредување и континуиран прогрес на нашите меѓусоседски релации. Исто така, ќе се залагам за што побрзо решавање на проблемот со името и за евентуалниот проблем којшто следува со затворањето на косовското прашање, во однос на што побрзо затворање на косовското прашање, демаркација на северната граница, по пат на политички дијалог и партерство со сите соседи.

Значи, рековте ќе работите на забрзување, од прашањето на Косово, демаркацијата на границата со северниот сосед?

Па, во интерес на сите е да се постигне стабилно и демократско Косово, што ќе одговара како на Белград, така и на Приштина. И во секој случај најмногу и на регионот. Бидејќи, од стабилноста и безбедносната состојба на Косово зависи и стабилноста на целиот регион. Во однос, на отворениот проблем со името мислам дека е поволна можноста што во Република Грција имаме нова влада, којашто има четиригодишен мандат, и мислам дека е оптимален период кога треба да се забрзаат, интензивираат и добро дефинираат нашите преговарачки тимови и стратегија и на што побрз можен начин да се најде оптимално решение на ова прашање.

Споменавте преговарачки тимови, дали доколку вие бидете избран за претседател значи дека можеби ќе зајакнете ќе направите некој тим?

Во секој случај би се ангажирал на досегашните проблеми за спориот процес на решавање на овој проблем и би се ангажирал на наоѓање на нови решенија коишто во секој случај ќе го забрзаат овој процес. Меѓутоа, овој процес би ги вклучил сите експерти коишто и досега учествувале со свој придонес за што побрзо решавање на тој проблем.

Сеуште чувствителна тема се меѓуетничките односи. Каква ќе биде вашата политика?

Еден од најголемите предизвици на новиот претседател ќе биде понатамошното унапредување на меѓуетничките односи, бидејќи од меѓуетничките односи зависи понатамошната безбедност и стабилност на Република Македонија. Во моентот сме сведоци дека имаме извесно подобрување на меѓуетничките односи, меѓутоа тие ни оддалеку не ги задоволуваат стандардите и можностите коишто можат да се постигнат или со други зборови се гледа дека има голем простор за натамошно унапредување на овие односи, којшто во секој случај дава еден огромен придонес во континуираниот развој и пред се за целокупната благосостојба на граѓаните на Република Македонија.

До неодамна имаше предлози на пример од либерал – демократите за намалување на ингеренциите на претседателот. Како гледате на овие предлози и како вие ќе ја извршувате функцијата во рамките на овие надлежности што ги има претседателот?

Лично мислам дека тоа беа несериозни предлози, бидејќи е несериозно годишно, да се менува уставот, да се менува формално – правниот аспект на Република Макединија. Токму тука сметам дека тоа е типичен пример на кој начин се води лоша политика во Република Македонија која што може да има лоши последици и во иднина. Ние дефинитивно треба да прифатиме каков систем сакаме, дали сме согласни со сегашниот систем и не треба да се доведеме во ситуација да правиме крупни и законски промени без потреба или единствено да се прават само кога им одговара на одредена политичка структура кога е на власт или опозиција. Мислам дека функцијата претседател на Република Македонија не е декларативна, тој со својот ангажман може да даде значителен придонес во обединувањето на сите граѓани на Република Македонија и правење баланс помеѓу актуелната влада, собраните, и обврските, желбите и можностите коишто постојат во Република Македонија.
XS
SM
MD
LG