Достапни линкови

Четири кандидати за претседател, неизвесна кандидатурата на Бошковски


ДИК верификува четири претседателски кандидатури. А, неколку часа пред истекот на рокот за поднесување кандидатура и независниот кандидат Љубе Бошковски ги достави потребните 10,000 потписи до ДИК:

„До првата, што беше поднесена со 58 потписи на пратеници, до сега, се поднесени четири листи на кандидати за изборите за претседател и сите листи на кандидати беа потврдени од страна на ДИК,“

изјави портпаролот на ДИК Зоран Таневски.

Во рок од 24 часа ќе биде познато дали ќе биде прифатена и кандидатурата на независниот кандидат Љубе Бошковски, имајќи ги предвид проблемите со кои тој се соочува. Односно, дали Бошковски го исполнува условот за најмалку 10 години непрекинато жителство во Македонија:

„Ви прилог на целокупната документација што ја доставивме, доставивме и мислење на правен експерт од таа област, со што очекуваме дека ќе биде прифатена без никакви проблеми. Образложението на правниот експерт е дека СФРЈ постои до веењето на знамето на поранешна СФРЈ, пред зградата на ОН, кое е симнато во 2000 година,“

изјави шефот на изборниот штаб на Бошковски Горан Митевски.

Според портпаролот на ДИК Зоран Таневски до сега е доставено само едно барање за набљудување на изборите, а деновиве се очекува и потврдување на единствениот избирачки список:

„Доставено е едно барање од невладината организација Мост за акредитирање на набљудувачи на претседателските избори и на тоа барање се наведени 31 лице. На 22 март, во 24 часот заврши рокот за проверка на податоците во единствениот избирачки список, а рокот за потврдување на тој список од страна на ДИК е меѓу 25 март и 4 април.“

Деновиве се очекува ОБСЕ и формално да поднесе барање за набљудување на изборите. Инаку, полициската мисија на ЕУ во Македонија „Проксима“, заедно со ДИК и МВР ќе изработи план за зачувување на редот и мирот за време на претстојните претседателски избори, информираа од седиштето на евро мисијата. Изработката на планот ќе почне следната недела, а улогата на мисијата во изборниот процес ќе биде советодавна и набљудувачка. Набљудувачката мисија на „Проксима“ ќе се однесува на безбедносниот аспект на изборите за разлика од другите мониторинг мисии, како што е онаа на канцеларијата за демократски институции на ОБСЕ - ОДИХЕВ, кои ќе ги набљудуваат изборите од политички аспект.
XS
SM
MD
LG