Достапни линкови

Црвенковски ја поднесе кандидатурата, останатите имаат уште еден ден


СДСМ ја поднесе кандидатурата на Бранко Црвенковски до ДИК. Останатите, сеуште не го направиле тоа.

„ДИК во рок од 24 часа, треба да утврди дали листата на кандидати е поднесена во согласност со законот. Доколку бидат констатирани одредени неправилности или пропусти, листата му се враќа на овластениот претставник за да се отстранат тие евентуални неправилности или пропусти, по што ДИК издава решение со кое се утврдува кандидатурата за претседателските избори,“

изјави портпалорот на ДИК Зоран Таневски.

Рокот за поднесување на кандидатурите истекува на 24 март, а дотогаш се очекува да бидат поднесени претседателските кандидатури на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и независниот кандидат Љубе Бошковски кои ги исполнуваат условите за поднесување кандидатура. Сите, веќе одамна ги имаат собрано потребните 10,000 граѓански потписи.

Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, да потсетиме, бараше премиерот Бранко Црвенковски да ја стави во мирување неговата функција, но тоа не само што беше одбиено, туку во изборниот штаб на Црвенковски се вклучија дури шест министри:

„Тоа нема да се одрази на функционирањето на владата, бидејќи, Република Македонија и до сега и отсега ќе има политички влади. Ние сме вистински професионалци и на никој начин нема да го загрозиме функционирањето на владата со нашето учество во изборната кампања. Се што не е забрането е дозволено.“

изјави Владо Бучковски, шеф на изборниот штаб на Црвенковски.

Што се однесува пак до ДПА, тие по втор пат промовираа претседателски кандидат, откако првиот Арбен Џафери поради процедурални проблеми се повлече од претседателската трка. Него го заменува Зуди Џелили:

„Ние имаме идеи за интегрирање на Република Македонија во сите евро-атлантски структури и имаме и концепт за иднината на Република Македонија.“

На полноќ истекува рокот за собирање потписи, а изборната кампања почнува на 30-ти март.
XS
SM
MD
LG