Достапни линкови

Ефикасни чекори за враќање на безбедноста


Советот за безбедност, осудувајќи ги насилствата на Косово, побара од властите на етничките Албанци да преземат ефиксани чекори за враќање на безбедноста во покраината.

„Дозволете ми да ги потсетам лидерите на косовско албанската заедница, дека како најголема етничка група, тие ја имаат одговорноста да ги заштитат и да ги почитуваат правата на сите на Косово, особено на малцинствата.”

Порача генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан, кој потсети дека и покрај пет годишните напори, Светската организација не постигнала многу во зближувањето на етничките заедници на Косово. Говорејќи на седницата на Советот, шефот на дипломатијата на Србија и Црна Гора Горан Свилановиќ изјави дека најновите насилства покажуваат оти албанските екстремисти ја имаат вистинската контрола врз провинцијата и оти локалните албански лидери не се во состојба да се справат со нив.

„Тие не можат или не сакаат да излезат на улиците и да го спречат ова масовно насилство. Иако многу власт е префрлена врз нив, тие ги игнорираат одговорностите што доаѓаат со власта.”

изјави Свилановиќ кој побара од меѓународните сили да ги обезбеднат границите со Албанија и со Македонија, бидејќи од таму, како што рече, вооружени групи влегувале на Косово. Инаку, Советот за безбедност во завршното соопштение заклучи дека воспоставувањето мултиетничко, толерантно и демократско општество на Косово останува основна цел на меѓународната заедница. Токму улогата на меѓународната заедница во решавањето на косовското прашање е главна тема на западниот печат во врска со последните насилства во Покраината. Претставниците на Обединетите Нации и на НАТО воопшто не беа подготвени за насилствата на Косово и во Србија, пишува Фајненшнал Тајмс, додавајќи дека со палењето на српските куќи и цркви, на Балканот, по пет години се врати етничкото чистење. Одговорноста за тоа останува на силите кои интервенираа на Балканот, заклучува овој весник. Американската агенција за стратегиски предвидуња Стратфор смета дека постојат три клучни фактори кои ќе детерминираат дали овие насилства се уште една молња во котелот во тој регион или работите ќе ескалираат во поширок конфликт. Првиот е дали имало албанска стратегија зад насилствата, вториот е кои чекори ќе ги преземе НАТО и попрецизно Европа за да ја контролира ситуацијата и третиот фактор е како ќе реагира новата власт во Белград, наведува Стратфор. Весникот Вашингтон пост констатирајќи дека уште еднаш насилството ја одредува политиката на Балканот, заклучува дека Америка и нејзините европски сојузници никогаш јасно не ги земаа предвид повиците за будење на Балканот. Тие ставаа преници на нивните уши и декларираа дека се е добро во тој дел од светот, пишува овој весник наведувајќи дека не е можен одржлив мир и прогрес во регионот се додека, колку тоа и да е тешко, не биде решено косовското прашање. Од друга страна Џејнс Форин Рипорт постетува на повраноста на Косово со онаа во централна Србија, Македонија и во Црна Гора. Независноста на Косово би можела да ги покрене албанците во другите земји на обединување со Албанија што би предизвикало нова војна. Весникот наведува дека во Вашингтон биле во тек разговори со кои проблемот на Косово би бил решен според австрискиот модел. Имено по втората светска војна со Австрија управуваа меѓународни сили. Сојзниците со таа сакаа да обезбедат да не дојде до повторно обединување меѓу Австрија и Германија. Независноста на Австрија и е дадена под услов да нема промени на границите. Џејнс рипорт наведува дека споредбата со Косово е очигледна и оти целта е да се постигне спогодба за неменување на границите и со тоа да се отстрани можноста Велика Албанија да стане реалност. Таквиот модел, според овој весник ќе реши многу проблеми. Народот на Косово ќе ја добие саканата независност, Македонија ќе добие гарантирани граници, а Албанија, поради поддршката на таквата идеја, меѓународна слава. Единствен губитник би била Србија, но таа би била купена со економска помош и со помош во приклучувањето кон НАТО и Европската Унија, пишува Џејнс Форин Рипорт..
XS
SM
MD
LG