Достапни линкови

Последни подготовки за погребот


Пред пристигнувањето на посмртните останки на претседателот Борис Трајковски, најавени за утре попладне, процедурата според која ќе се одвива церемонија веќе финишира, терминот на погребот се утврдува.

„Како термин се предлага, 14 часот во петок, во Алејата на Великаните на градските гробишта да биде погребан претседателот Трајковски. Посмртните останки од зградата на Собранието треба да бидат изнесени во 12 часот напладне, откако венци ќе положат сопругата на Претседателот, Вилма Трајковска, Претседателот на Собранието Љупчо Јордановски, Премиерот Црвенковски и претставник на Армијата на РМ.“

Вели портпаролот на Одборот за закоп, Веле Митановски.

Денеска пак, последни изрази на сочувство во повеќе институции во земјава. Комеморативни седници во Кабинетот на Претседателот, во Министерството за надворешни работи и военото воздухопловство на АРМ. И во матичната партија на Претседателот Трајковски, се договараат подготовките пред церемонијата на закопот.

„Предвидено е говор да одржи Претседателот на партијата Никола Груевски, кој ќе се прости од Претседателот Трајковски.“

Вели Оливер Шамбевски од ВМРО ДПМНЕ.
Во Одборот за закоп најавуват дека на погребот ќе присуствуваат голем број граѓани како и делегации од земјава и однадвор.

„Што се однесува до медиумското присуство, конкретно до сега акредитирани се 78 лица, а најавени се уште 50-тина.“

Директорот на скопскиот аеродром Орхан Рамадани, за тоа колку е подготвена компанијата да ги прифати летовите вели:

„Скопскиот аеродром може да прифати 24 воздухоплови, значи дека има 24 паркирни позиции. Сите делегации ќе слетаат тука, а авионите кои ќе немаат паркирна позиција ќе се дивертираат на белградскиот, софискиот и солунскиот аеродром.“
XS
SM
MD
LG