Достапни линкови

Голем човек, кој ја движеше земјата напред


Ирскиот премиер Берти Ахерн, кој денеска требаше да ја прими апликацијата на Македонија за членство во Европската Унија, оцени дека претседателот Борис Трајковски имаше значајна улога во помирувањето во Македонија и беше силен поддржувач на македонските амбиции за приклучување во Унијата. Трајковски беше голем човек, кој ја движеше земјата напред, не само со реформите, туку и во доближувањето до Европа, изјави во Брисел евро комесарот за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана.

„Ќе биде многу тешко за луѓето во Македонија да ја надминат загубата, но можат да бидат сигурни дека Европа ќе продолжи да ги подржува и да им помага да го остварат сонот на претседателот Трајковски за приклучување во Европската Унија.“

Претседателот на Европската комисија Романо Проди изразувајки сочувство до Владата и до граѓаните на Македонија, изјави дека трагедијата е уште поголема на денот кога Македонија требаше да ја поднесе кандидатурата за членство во Унијата.

„Ова е многу тажен ден за Балканскиот регион за чија интеграција се вложени големи напори, и многу тажен ден за Европа која загуби пријател и подржувач на толеранцијата, како основен принцип врз кој е базирана Унијата.“

Генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Схефер изјави дека претседателот Трајковски покажа големо лидерство во заштитата на унитарноста на неговата држава кога таа беше под закана. Во тешките околности, тој беше предводник на мировниот процес во Македонија и државник кој се бореше за демократските вредности, изјави Схефер. Сочуство до граѓаните на Македонија изрази и координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек, кој изјави дека со влијанието на Трајковски за време на тензиите во Македонија и неговото разбирање на малцинските прашања, тој беше морален авторитет кој ги надмина границите на неговата земја. Генералниот секретар на Советот на Европа, Валтер Швимер оцени дека Трајковски беше човек на мирот и дијалогот, кој успеа да го врати редот по оружениот судир во неговата земја и оти во Европа беше ценет како еден од најумерените лидери на Балканот. Хрватскиот претседател Стипе Месиќ, зборувајки во Европскиот Парламент, каде што со минута молчење му беше изкажана почит на претседателот Трајковски, рече дека неговото загинување не е загуба само за неговото семејство и за Македонија, туку и за целиот регион и за Хрватска.

„Заедно со него и со другите претседатели, работевме на програмата за стабилизација и обнова на Југо-источна Европа. Ние бевме пријатели, но и соработници на патот за европска интеграција, во развојот на демократијата во нашите земји и на планот на соработката меѓу државите од целиот регион.“

Бугарскиот парламент денеска ја прекина седницата и со минута молчење му оддаде почит на македонскиот претседател Борис Трајковски, а шефот на парламентот Огњан Герџиков изјави дека Трајковски беше човек, кој ја спаси Македонија од војна. Албанскиот премиер Фатос Нано испрати телеграма со сочувство до македонската влада, а претседателот на Србија и Црна Гора Светозар Маровиќ изјави дека смртта на Трајковски е голема загуба за Македонија, но и за сите оние што соработуваа со него во градењето доверба во регионот. Шефот на дипломатијата Горан Свилановиќ изјави.

„Веруваме дека граѓаните на Македонија ќе останат единствени во овие тешки моменти и оти владата и сите институции ќе функционираат нормално. За тоа немаме никакви сомневања и секако Македонија ќе избере нов претсадел, кој ќе го продолжи патот на земјата кон членството во Европската Унија, што беше и политика на Трајковски.“

Шефот на УНМИК Хари Холкери изразувајки шокираност и жалење за смртта на Трајковски, изјави дека имал одлична соработка со него и оти Македонија ќе успее да го надмине овој тежок момент. Изрази на сочувство за трагичното загинување на петседателот Борис Трајковски искажаа и полскиот претседател Александар Кавшњевски и германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер, изразувајки убеденост дека македонската влада ќе ја продолжи неговата политика за унапредување на демократијата во земјата.
XS
SM
MD
LG