Достапни линкови

Патни исправи на јазиците на другите заедници повеќе корисно отколку штетно


Барањето на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти на ниво на земјава, како што се турската ромската, влашката, во патните исправи името и презимето да се пишува во оргинал, односно на јазикот што го употребуваат е оправдано и ќе придонесе за потврдување на сликата дека Македонија е мултиетничка, а не двонационална држава, смета професорот Владо Поповски кој работеше на подготовка на Уставот, но и на охридскиот договор:

„Кога станува збор само за името и презимето во личните документи, јас го поддржувам предлогот на оние партии што го дадоа во таа смисла, и сметам дека тоа во една долга релација, може да има повеќе полза отколку штета.“

Според Поповски тоа не се коси со Уставот кој предвидува официајлен јазик покрај македонскиот, да биде и јазикот на заедницата која во земјава е повеке од 20 проценти, бидејки станува збор само за пишување на името и презимето во овој документ

„И неможе да има таков догматски пристап, бидејки ние влеговме подлабоко во тој проблем, со заедницата што е над 20 проценти, односно со албанците. Во случајов станува збор само за испишување на имињата и презимињата на лицата на другите малцински заедници, затоа треба да се покаже гест, кој ке се врати повеќекратно како граѓанска лојалност на тие лица кон државата.“

Инаку Министерството за внатрешни работи со цел исполнување на обврските од рамковниот договор подготви предлог кој предвидува пишување на името и презимето на нивното писмо само за оние кои се повеке од 20 проценти. За тоа какво е решението на МВР, Ерол Салих помошник на министерот за управно-надзорни работи информира:

„За сите граѓани патните исправи ќе се испишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а за сите оние кои не се 20% ќе се испишуваат на англиско основно писмо според меѓународните стандарди, додека за оние националности над 20% личните исправи, ќе се испишуваат на јазикот кој го зборуваат.“

Од министерството пак се категорични дека ова е вистинското решение и објаснуваат дека барањето на припадниците на останатите заедници е спротивно на Уставот.
XS
SM
MD
LG