Достапни линкови

Меѓународен ден на мајчиниот јазик


Денеска се прославува петтиот Меѓународен ден на мајчиниот јазик. УНЕСКО на ваков начин симболично го одбележува значењето на околу шест илјади јазици што постојат во светот за човештвото. Сепак, лингвистите предупредуваат, четириесет насто од нив ќе исчезнат до крајот на овој век.

Во изјавата за Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, генералниот директор на УНЕСКО Кончиро Матцура наведува дека скоро шесте илјади јазици во светот претставуваат креација на човечкиот дух. Тој додава дека секој од овие јазици ја изразуваат на уникатен начин, визијата на светот како заеднички систем на вредности и значења. Затоа Матцура оценува дека е духовен предизвик да се обезбеди опстанок на јазиците, особено оние помалите. Имено, девеесет и пет насто од сите јазици во светот се говорат од само четири проценти од светската популација.

„Јазичната различност е еквивалентна со човечката. Човечката раса беше успешна на планетва, бидејќи имаше способност да се адаптира на условите. Мислам дека јазикот е интелектуален еквивалент на нашите биолошки способности. Јазикот е еден од начините за различно сфаќање на светот. Затоа, секогаш кога губиме некој јазик, ние губиме една визија за светот.“

Вели Дејвид Кристал, еден од најпознатите свестки лигвинсти. УНЕСКО во минатиот октомври усвои конвенција за заштита на културното наследство во која ги дефинира јазиците како покренувачка сила на меѓународната култура. Од друга страна, засега не постои консензус за бројот на јазиците кои се говорот во светот денес, бидејќи се уште не постои генерален договор за тоа што детерминира еден говор да биде јазик или дијалект. Николас Остлер кој е претседател на Друштвото за зачувување на јазиците вели

„Ситуацијата со јазиците во светот во овој момент е целосно опасна. Се смета дека има меѓу шест и седум илјади јазици. Некои од овие јазици биле проучувани од лингвинстите. Но многу повеќе никогаш не биле предмет на проучување. Затоа и покрај тоа што постојат, за нив малку се знае.“

Остлер тоа го поткрепува со фактот дека во Европа и во другите делови на таканаречената западна цивилизација, јазиците имале долга литературна традиција која придонесува за нивно зачувување. Ова, како што вели тој, не е случај со поголемиот дел од светот, како Африка, Америка, Азија и Австралија каде што јазиците постојат, но без некаков пишан збор. Затоа, според пресметките на експертите, секој месец исчезнуваат по два јазика.
XS
SM
MD
LG