Достапни линкови

Во Македонија во ова време не е можно влошување на безбедносната состојба


Во планинскиот дел на тетовскиот регион, поранешните команданти на ОНА често одржуваат воени вежби, вака гласеше изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тој исто така изјави дека во Тетово не функционира правната држава. Во МВР сметаат дека ваквите изјави на лидерот на опозицијата, се политички и ништо друго:

„Изјавата на Груевски јас ја сметам за политичка,“

изјави портпаролот на МВР Мирјана Контевска.

Дали ваквите сознанија на опозицијата за можна повторна дестабилизација на земјата, имајќи предвид дека и ДПА на Арбен Џафери најавува протести на нејзините симпатизери во Скопје поради несогласувањето со новата територијална поделба:

„Целта на овие протести е да се изрази несогласување и неприфаќање на законските проекти понудени за градот Скопје. Тука мислам и на територијалната организација и на функционирањето на градот. Очекуваме на овој протестен марш да се приклучат граѓани од градот Скопје, но најверојатно може да се очекува, бидејќи прашањето е исклучително важно за Албанците, не само во градот Скопје, туку и пошироко, дека може да дојдат и одреден број граѓани од околните општини и градови,“

вели Мељам Тахири од ДПА.

Експертите пак сметаат дека ваквите појави кои се посочуваат од опозицијата, не може да ја влошат безбедносната состојба во поголеми размери. Нема простор, ниту можност за екстремни активности и тероризам во пошироки размери во ова време, смета Павле Трајанов поранешен министер за внатрешни работи:

„Моја проценка е дека нема услови за негативен развој на состојбите за нас во Македонија. Независно од поединечните настани што се случуваат во државата. ЗА екстремни активности или тероризам, или зборувам за конфликт од пошироки размери, немаме проценка дека може да се случи.“

изјави Трајанов.
XS
SM
MD
LG