Достапни линкови

Меѓу Св. Трипун, Св Валентин и изборот за евровизија


Во предвечерието на кулминацијата на штрајкот на просветарите и културните дејци што ќе ги снајде властите во понеделник, овој викенд нималку нема да биде дремлив. Се собраа многу случки, та човек не знае каде да ита побргу. Исцелителот СВ. Трифун, кого од милост си го прекрстивме СВ. Трипун , ни налага почетокот да биде со закројувањето. Така и треба. Та дури и на температури што изнудуваат со страст да им се нафрлиме на виното и ракијата. Ланска. Безбели така си пожелуваме родот да биде поарен годинава.
И, кога така убаво ќе се загрееме, кога ќе ни засветкаат очињата на студот, прославата ќе добие на интензитет. А, понудата во денов денешен, драги мои, е врвна. Како што небила досега. Колку повеќе тонеме, толку повеќе саде игрите ни се моткаат по главите.

Некаде, пред да не навјаса мракот и нешто потоа, пред Домот на армијата на Република Македонија, концерт на најубавите домашни љубовни евергрини и хитови. Во живо или на плејбек сеедно, за забавата на вљубените и оние кои едвам чекаа да им се случи Св. Валентин, небаре пред тоа бевме посиромашни за едно такво идентификување со цивилизираниот свет, ќе пејат: Славе Димитров, Калиопи, Зафир Хаџиманов, Верица Ристевска, Калиопи, Дуле и Коки, Маја Гроздановска Панчева, Томислав Маниќ, ексклузивците на Македонска музика и ол стар екипата на Авалон

Водители ќе бидат Тони Михајловски и Ирена Ристиќ, ќе бидат извлечени и двете награди за возење со гондола по каналите на Венеција и гугуткање во Верона, а најмногу од сето тоа ќе се омрси еден од двата локални сопственици на мобилната телефонија кој се јавува како организатор на манифестацијата.
Со куси ракави нема да остане ниту другиот мобилен оператор. Нему, само час подоцна, има да му се случи изборот на песна за Евровизија. Нашиот домашен. Додуша и околу тоа се случи војна меѓу споменатите, нели како да се офајдат и обата од гласањето преку СМС пораки, арно ама ќе бидеме еднодушни во одбирот. Сите сме за нашиот Тоше. Него го одбраа од МРТВ, а нам ни е јасно дека на момчето му нема мана. Затоа во Универзална битката ќе ја бијат авторите. Осумтемина меѓу кои се и Кире Костов, Љупчо Мирковски, Александар Чекреџи, Јован Јованов, Горан Алачки, та дури и славниот пијанист Симон Трпчевски, се со убава мисла. Истанбул им е на сите во умот откако ги стокмија песните.

А, за Проески нема мака. Ќе го крши малку јазикот оти нели е неминовна потребата да фрли и некој збор англиски, чунки така ќе сме скокнеле погоре отколку во случајот со Владо или Каролина, арно ама ќе го биде. Нему му пее петлето во земјава на многу сматоци.
XS
SM
MD
LG