Достапни линкови

Парламентарни избори


Грција се наоѓа пред парламентарни избори. Закажани се за седми идниот месец и веќе се оценуваат како дерби меѓу двата политички ривала, опозиционата Нова Демократија и владејачкиот ПАСОК.

Грчкиот парламент се распушти, а според грчката практика, на чело на министерствата, клучни за изборниот процес, наместо партиски доаѓаат неутрални личности. Токму ова прашање ги продлабочи предизборните караници меѓу Нова Демократија и ПАСОК. Имено, владејачките социјалисти, иако со прописите е предвидено да бидат сменети четири министри и тоа: за внатрешни работи, за печат, за јавен ред и за правосудство, решија тоа да го сторат само со првите двајца. Ваквата одлука опозиционите христијано демократи ја оценија како пристрасна и како кршење на предизборната практика од страна на ПАСОК со што, како што се вели, оваа партија уште еднаш го покажала својот режимски менталитет. Освен министрите за внатрешни работи и за информации, од место шеф на грчката дипломатија заминува и Јоргос Папандреу со цел да и се посвети на изборната кампања на ПАСОК чиј претседател стана на неделното плебисцитарно гласање. На него, покрај сто и четриесете членови на ПАСОК учествуваа и скоро милион други граѓани на Грција. Предизборните политички активности во таа земја, кои почнаа кон крајот на минатото лето со низата кадровски промени меѓу социјалистите, беа интензивирани во почетокот на оваа година кога премиерот Костас Симитис поднесе оставка од лидерската функција во ПАСОК и за наследник го препорача Јоргос Папандреу, инаку син на основачот на таа партија Андреас Папандреу кој три пати беше избиран за грчки премиер и за кого се смета дека за тоа време градел една од најцентрализираните влади во Европа. Јоргос, во намерата да ги добие изборите, и како и неговиот татко, да стане премиер, покрена радикални програмски и кадровски промени, го смени дури и симболот на партијата, а навести и нејзино ново име. Јоргос Папандреу, според аналитичарите, има намера да раскрсти со традиционалната политика во рамките на неговата партија и да ја децентрализира владата со цел да ја намали бирократијата која пак се смета за една од главните пречки за поголем прилив на странски инвестиции во најсиромашната земја членка на Европската Унија. Како и да е, последните испитувања на јавното мислење и натаму покажуваат дека конзервативната Нова демократија предводена од Костас Караманлис со четриесет и седум насто, води пред ПАСОК за кој се изјаснија четриесет и два процента од грците. Социјалистите се на власт во Грција од илјада деветстотини осумдесет и првата година, со еден прекин во почетокот на деведесетите години кога на изборите победи Нова Демократија. Инаку, се проценува, дека покрај овие две партии, во новиот парламент ќе влезе и Комунистичаката партија на Грција.
XS
SM
MD
LG