Достапни линкови

Декларација за апликација во ЕУ


Декларацијата за поднесување барање за членство на Македонија во ЕУ треба да го истакне националниот консензус, којшто постои во земјава за нашите аспирации за членство во Унијата, оценува Каролина Ристова од СДСМ, која раководи со Комисијата за евро-интеграција:

„На европските институции да им упатиме порака, дека практично зад апликацијата што ќе ја поднесе владата стои целокупната македонска држава и општество.“

Сепак, Ристова искрена во однос на тоа, колку Македонија е блиску до членство во ЕУ.

„Сигурно Македонија пред 10 до 15 години нема да влезе во ЕУ. И од наши домашни субјективни причини, значи за исполнување на критериумите, но и од објективни состојби и процеси во самата ЕУ.“

Според Теута Арифи од ДУИ, многу е важно Македонија по апликацијата што поскоро да го добие прашалникот од ЕУ. Иако, самата посочува дека при неговото пополнување ќе се соочиме со потешкотии:

„Сметам дека тогаш ќе треба една голема мобилизација на целата администрација и на сите политички структури на кои ова прашање им е приоритет, и од позицијата и од опозицијата, зашто има консензус за оваа работа. Не треба да имаме илузии дека се ќе оди лесно и глатко.“

Што се однесува до опозиционите партии, не постои сомневање дека стратешка цел е зачленувањето во Унијата и во НАТО. Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ смета дека апликацијата има формално – правен карактер:

„Којшто на некој начин ќе ја задолжи владата да преземе сериозни реформски процеси и да се прекине декларативната заложба во однос на нашите евро интегративни процеси коишто за жал се на многу ниско ниво. И во моментов сметаме дека нашата реална состојба во однос на евро интегративните процеси е многу далеку од посакуваната и најавената динамика од владата.“

А, од ДПА со став, одлуката на владата за апликација е избрзана. Илијаз Халими вели:

„Не се исполнети сите услови и обврски кои Македонија ги зеде од договорот за стабилизација и асоцијација. Има уште многу да се направи и во полето на спроведувањето на рамковниот договор, во борбата против корупцијата и организираниот криминал.“
XS
SM
MD
LG