Достапни линкови

Можно повторно зголемување на цените на телефонските услуги


По неофицијалните најави дека во наредниот период „Македонски Телекомуникации“ повторно ќе ја зголемат цената на импулсот, во компанијата велат дека формално – правно тие имаат можност да го направат тоа, но оти дилемата дали ќе дојде до зголемување и во која висина ќе биде разјаснета во текот на наредната недела, кога на преговори пристигнува генералниот директор на МАТАВ од Унгарија.

Но, додека компанијата исто така оценува оти сеуште е рано да се зборува за поскапување на импулсот, во јавноста веќе се најавува кампања против можноста од таквата мерка. Претседателот на здружението за заштита на граѓаните од монополските услуги Александар Митановски, најавува тие ќе испратат барања со повеќе аргументи:

„Пред потпишувањето на договорот, цената на импулс беше 0,5 денари, сега е 1,62 тоа е четири пари зголемена. Во една толку економски заостаната земја да се вршат покачувања, додека стандардот е четири пати намален, за нас е тоа несфатливо.“

Тој потсетува дека во меѓувреме незадоволството на граѓаните од високите цени за телефон е очигледно:

„Само таксата е 410 денари, тоа е превисока. И Телеком треба да одговори, зошто цените во меѓународниот сообраќај се превисоки? Зошто граѓаните од Македонија, ако разговараат со истата фирма Матав, присутна е и во Унгарија и во Македонија, зошто граѓаните од Македонија се ставени во нерамноправна положба. Ако разговараш од Македонија кон Унгарија плаќаш една цена, а од Унгарија кон Македонија разговорите се по пониска цена.“

Таквите забелешки, на кои укажуваат во здружението за заштита од монополските услуги граѓаните ги потврдуваат:

„Најспаки се услугите кај нас.“
„Да ти е страв да го употребуваш. Стојат за украс“
„3000 – 4000 денари за телефон е премногу.“
„Сама сум со едно дете, што не знае да врти, да имам 2000 денари, тоа е страшно“


Коментирајќи ја пак, последнава забелешка на граѓаните, претседателот на ДЕМОС Митановски вели:

„Имаме една група граѓани кои се револтирани од енормно високи цени. Телефонот не е заштитен.“
XS
SM
MD
LG