Достапни линкови

Аргументите на владата за штрајкот не држат, законите мора да се почитуваат


Доколку барањата на Синдикатот за образование, наука и култура не бидат исполнети, тоа ќе биде пораз на оваа влада, а не на оваа влада, е ставот на социологот Иљо Трајковски, професор на филозофскиот факултет:

„Би било поразително, ми се чини не толку за синдикатот, колку што би било поразително за целото општество, затоа што ако нешто што очигледно следува по закон и право, а не може да се добие, тогаш какво право ќе бараме од некој друг, да почитува устав и да почитува друг договор.“

Аргументот дека владата нема средства да ги исполни барањата не е вистински одговор, со оглед на фактот што синдикатот се повикува на исполнување на обврските од колективниот договор, на кој параф имаат ставено двата социјални партнери. А, во една правна држава, колективниот договор е рамен на закон, каде доколку навистина државата е правна, не може да не го почитува со аргументот – се нема пари:

„Она што го бара синдикатот, е всушност почитување на нешто што е прифатено, како колективен договор, како обврска на државата.“

Според Трајковски, битно е што штрајкот на СОНК не е политички мотивиран:

„Она што го имам како индиции, говори дека нема инволвираност на други структури, политички, партиски итн, мислам дека се работи за чисто синдикално раздвижување.“

Со оглед на фактот што зад штракот стојат Македонци, Албанци и Турци како и наставни и културни работници од другите националности, зборува дека крајниот ефект може да биде поголем отколку само економскиот:

„Придобивката како општество е поголема, во смисла на интеграција и во смисла на закон, на право и на устав и дека тој треба да се почитува, отколку економската евентуално сметка што би ја платила владата. Таа сметка на крајот пак ќе ја плати граѓанството.“

Сите овие луѓе ги обединува економската ситуација во која се наоѓаат, а таа ни малку не е розова, тврди Трајковски:

„Состојбата на социјално – економски план е тенка, односно мислам дека животниот стандард станува се потежок за одржување за издржување, особено оваа категорија на вработените во јавниот сектор.“

До сега синдикатот во многу наврати требаше да организира поголеми и помасовни протести:

„Состојбата на вработените се вложува и она што до сега сме го имале како мирно синдикално општество е сепак повеќе работа на слабост на ССМ, отколку што е за пофалба дека државата успеала да ги задоволи нивните барања и потреби,“

е ставот на професорот Иљо Трајковски.
XS
SM
MD
LG