Достапни линкови

Во областа на одбраната има напредок


Во Македонија има напредок во областа на одбраната, оценија претставниците на НАТО на состанокот на комитетот за членство во Македонија во колективните безбедносни системи:

„Господинот Симонс рече дека Република Македонија од самитот на НАТО во Прага постигна еден огромен напредок што е признат во сите структури во Брисел и јасно е дека Македонија сега веќе станува контрибутор на НАТО со огледн на присуството во мисијата на НАТО во Авганистан и со присуството во други меѓународни мировни операции, како што е онаа во Ирак, а поврзано со прашањето на проширувањето на НАТО истакнаа дека тоа е процес и дека на Самитот на НАТО во Истанбул ќе нема покани за нови земји членки, но дека завршните документи сигурно ќе имаат позитивни индигации за активностите и реформите кои ги спроведува Македонија,“

изјави Душко Узуновски од Министерството за надворешни работи.

Инаку, консултациите меѓу тимот на НАТО предводен од Роберт Симонс и македонските власти, кои според најавите треба да завршат кон крајот на неделава, се одвиваат на две нивоа, експертско и политичко. Токму од овие средби треба да произлезе озвештај за постигнатото, кој пак како што велат во МНР ќе биде појдовна основа за позицијата што Алијансата ќе ја има во однос на Македонија пред престојниот самит во Истанбул. Извештајот е планирано да биде изготвен наредниот месец, а ќе биде дополнет на состанокот во Брисел на 23 април, на кој шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева и првиот човек на одбраната Владо Бучковски ќе се сретнат со амбасадорите на земјите членки на Алијансата. Од Министерството за одбрана, во меѓувреме информираат дека обврските во контекст на реформите се реализираат секојдневно:

„Ние очекуваме да на крајот имаме и позитивна изјава, иако ние како министерство правиме се, обврските преземени и она што се имаме декларирано дека ќе го преземеме како обврска, наши лични кои си ги поставивме, дека ќе ги завршиме. Во завршна фаза е најбитниот документ, тоа е стратешкиот одбранбен документ, ќе имаме нова тура уништување тенкови, тренингот, односно подготовките за преземање на граничното обезбедување од страна на полицијата течат, така што сите наши ибврски, поголеми проекти се во завршна фаза или во добро напредната фаза, така што ние мислиме дека како министерство преземените обврски сме спремни да ги исполниме пред самитот во Истанбул,“

изјави Ризван Сулејмани, заменик министер за одбрана.
XS
SM
MD
LG