Достапни линкови

Јован Манасиевски, министер за труд и социјална политија. Штрајковите, амбициозна борба на синдикалните лидери за тоа кој е поголем синдикалец


Како ја оценувате ситуацијата по петдневниот штрајк во образованието од кој сеуште за сега нема излезни решенија. Колку е таа сама по себе сериозна?

Се разбира дека состојбата е сериозна, меѓутоа причините за штрајкот се апсолутно неоправдани, затоа што беше прифатено суштинското барање на синдикатот, распоните на платите од сега постоечките се поместат нагоре. Што комбинирано, со утврдување на институтот најниска плата всушност претставува централно и суштинско барање на синдикатот. И со прифаќањето на ова барање на синдикатот, состојбата што сега ја имаме на административно замрзнување на платите во администрацијата, која што трае веќе десет години, суштински се менува, затоа што со овој институт најниска плата, владата и синдикатот секоја година ќе бидат обврзани да седнуваат и заеднички на преговори да ја отврдуваат за наредната година, најниската плата. Што значи дека и во системот експлицитно вградуваме можност, механизам за континуиран раст на платите, се разбира во склад со општите економски параметри.

Решението за коешто вие зборувате не подразбира одговор на барањето на СОНК за исполнување на обврските од колективниот договор во делот на зголемувањето на износот на хранарината?

Навистина не ми е јасна стратегијата на сидикатот, едно периферно барање, комплетно несистемско, како што е зголемување на надоместокот за хранарина да се става како приоритетно, додека пак вакви суштински постигања во преговорите, всушност се маргинализираат. И имам впечаток дека членовите на синдикатот воопшто не се информирани за што штрајкуваат или дури дека би рекол поотворено се манипулирани од нивните синдикални лидери, притоа необјаснувајќи им ја доволно ситуацијата. Затоа што, владата јас би кажал дури и поатрактивен предлог понуди од оној на синдикатот. Имено, тргнувајќи од тоа дека структурата на примања на вработените во Република Македонија е крајно неприродна, т.е. таа е остаток од еден стар систем, каде што вие имате плата, па потоа надоместок за храна, па надоместок за превоз, па надоместок за регрес на годишен одмор итн. Западните системи тоа не го познаваат, сите примања се интегрирани во платата или дневницата, во зависност од секоја држава. Меѓутоа, имате единствена плата. Она што ние го понудивме на синдикатот во преговорите, од овој комплетно застарен и нефункционален систем да се премине на современ систем, каде што ќе имаме единствена плата, со тоа што овие надоместоци како хранарина, како превоз би биле интегрирани во платата, со тоа платата би пораснала во маса, и со тоа би пораснала и пензиската основица. Со тоа сите вработени би добиле посигурна иднина и повисока пензија во оној момент кога ќе отидат во пензија.

Велите дека овие одредби од колективниот договор се застарени. Зошто, кога дојде на власт, оваа влада не побара да се променат овие одредби од колективниот договор, зошто до сега се чекало?

Овој колективен договор е на сила десет години. Никогаш до сега не била исплаќана хранарината во висина од 25 насто. Така што, синдикатот сега бара, нешто што воопшто не е почитувано десет години, да се почитува на два месеци пред завршувањето на колективниот договор. Самиот општ колективен договор е навистина лош, има многу пропусти и тука и синдикатот се согласува дека тој треба веднаш да се менува. И оттаму, наместо да се сконцентрира енергијата и на владата и на синдикатот, во продуцирањето на еден нов колективен договор, затоа што секако ќе мора да се седне, бидејќи овој договор нема да важи за два месеци и може да се доведеме во опасност да имаме вакуум, празнина, значи наместо да се концентрира синдикатот на создавање на нов колективен договор, тие бараат пред овој колективен договор да истече на два месеци, да се почитува нешто што десето години воопшто од ниту една претходна влада не го барале. И склучен е комплетно некритички од страна на двете страни и од страна на тогашната влада и од страна на синдикатот. Едноставно, нашишан е како список на желби. На пример, околу така наречениот регрес за годишен одмор. Стои експлицитно дека регресот за годишен одмор се исплаќа во вредност сто насто од просечната плата. Тоа воопшто не се случило во последните десет години. Кога бил исплаќан К-15, бил исплаќан во висина од 60 насто на просечната плата. Значи, десет години, де факто се кршела и оваа одредба од колективниот договор.

Велите дека зголемувањето на хранарината ќе го чини буџетот над девет милиони евра. Колку буџетот ќе го чини ова решение за коешто зборувате?

Тоа буџетот ќе го чини, се разбира. Не овој буџет од 2004, меѓутоа секој нареден буџет ќе го чини, затоа што како што ви реков тогаш немаме механизам на замрзнати плати, туку имаме друг механизам. И тоа е начин на којшто се работи во сите европски држави, каде што владата и синдикатот седнуваат секоја година и врз основа на проекциите во економијата, растот на БДП, степенот на инвестиции, растот на вработеноста, определуваат колку е реално оваа година платата да порасне. Така што всушност, се внесува еден механизам на взаемно одлучување и взаемна одговорност. За разлика од сега, кога само владата одлучува и само владата има одговорност за системот на плати.

Но, во ова барање за исполнување на одредбите од колективните договори СОНК не е осамен. Се најавуваат штрајкови и на останатите гранкови синдикати. А, синдикатот на УПОС веќе донесе одлука за стапување во штрајк?

Јас ги погледнав и барањата на синдикатот на УПОС. Иако, овие барања што ги достави СОНК чинеа девет милиони евра, онака како што се формулирани барањата на УПОС ќе чинат некаде околу 70 милиони евра. Така што се работи за комплетно нереални барања и имам впечаток дека и овој штрајк, како и претходниот е всушност, се одвива во една атмосфера на меѓусебна борба во самиот синдикат, за тоа кој е поголем синдикалец, и мислам дека самата таа атмосфера во синдикатот и форсирањето на сопствените лични кариери на одделни синдикални лидери доведува до едни вакви комплетно нереални барања. Сега по тој принцип на тоа докажување кој е поголем синдикален лидер наредниот штрајк во некој гранков синдикат сигурно нема да биде под 100 милиони евра.

Тогаш, какво решение ќе предложи владата за излез од циклусот штрајкови во најава?

Па, видете тоа ќе си одлучат самите членови на синдикатот, затоа што барањата на синдикатот се нереални, нема од каде да се исполнат и едноставно самите лидери на синдикатот и членови на синдикатот треба да се сообразат со реалноста. Додека немаме пораст на економијата и врз основа на тој пораст поголеми приливи во буџетот, никакви зголемувања на платите или надоместоците нема да бидат возможни.

Во услови кога економската и социјалната состојба во државата претставуваат проблем, каква е поддршката што министерството со кое раководите ја добива од владата за надминување на овие проблеми?

Видете, овие министерства во сите држави, а одобено во Република Македонија функционираат на принцип на остава во еден стан или во една куќа. Значи, се што е проблем, што не функционира, од што ќе се ослободи некое друго министерство се префрла во надлежност на министерството за труд и социјална политика. И тоа е така и тука нема место за ламентации и за жалење. Меѓутоа, она што е аксиом за работата на секоја влада, па и на оваа е тимската работа. И јасно е дека ова министерство по својата поставеност, всушност може да се бори само против последиците и борбата против последиците не може да биде ефикасна, доколку не се удри на самите причини. И невработеноста и сиромаштијата се последица на долгогодишната економска стагнација, нашата држава се наоѓа во дезинвестиционен циклус, ви циклус на постојан пад во последните 15 години, така што дококлу не се направи пресврт во тој дел ситуацијата секоја година ќе станува се полоша, затоа што проблемите од година во година се кумулираат на се поопасен начин. Оттаму, ова министерство има капацитет да се справи со овие последици, меѓутоа, вистинската борба, како што реков мора да биде тимска и таа е насочена кон поголеми инвестиции и поголем економски раст.

Кога зборувате за тимска работа во надминување на економските и социјалните проблеми, оценувате ли дека има потреба од поголема поддршка од надлежните министерства за економија и финансии?

Не се работи за таков однос, некој од некого нешто да бара и некој на некого нешто да дава. Тоа е погрешен пристап, затоа што јас ги гледам и другите мои колеги од другите министерства кога сакаат да се извлечат од некој проблем, обично велат, ние имаме решение за тоа, само уште финансии да даде пари. Тоа е некоректен однос и оттаму јас постојано го истакнував и значењето на тимската работа. Доколку заеднички се работи на проектите, доколку тие се комплетно осмислени, тогаш навистина нема никаков проблем тие да бидат и соодветно буџетски поддржани.
XS
SM
MD
LG