Достапни линкови

Предлог за декларација на македонското собрание


Прашањето за евро-интеграцијата во светлина на најавите за поднесување апликација за членство, станува дел од политичкиот дијалог во земјава. Во врска со предлогот на партијата ВМРО-ДПМНЕ за усвојување декларација за поднесување барање за членство, пратеникот Слободан Чашуле вели:

„Никому ништо нема да недостига, ако се договориме, и си ја дадеме таа дополнителна рамка, тој дополнителен договор и тука нема воопшто маркетинг, зошто би требало да има.“

Сепак, политичкиот консензус може да биде предмет на политизација, оценува пратеничката од СДСМ Каролина Ристова:

„Треба да се навикнеме дека има различни политички мислења. Како да се оствари таа цел – велгување во ЕУ и од тука, во таа смисла, ќе постои политизација.“

Она што не смее да се дозволи, смета Ристова е да се остави впечаток дека владата ја нема поддршката на парламентот и на јавноста за најавеното аплицирање. Во таа смисла предлогот за донесување декларација во парламентот не е спорен. Спорно е барањето, во неа да се бара обврзување на владата, да ја поднесе апликацијата до крајот на февруари. Оттаму, Ристова очекува дека собранието ќе ја усвои декларацијата без временската одредница:

„Верувам дека ние како собрание на крај ќе донесеме декларација за поддршка на најавената активност на владата.“

Условувањето на тајмингот за апликација не е прифатлив и поради неизведноста околу парламентарната процедура за пакетот закони за децентрализација. Од Брисел мошне прецизно беше порачано, без заокружувањето на овој проект што значи заокружување на Рамковниот договор не размислувајте за аплицирање:

„Заложбата за усвојување на трите закони од пакетот за децентрализацијата е клучна за испраќањето на писмото за апликација,“

изјави портпаролката на евро пратеникот Брунс Шина Томсон. На декларативно ниво, консензусот за европската декларација не е спорен, оценува вице-премиерката Радмила Шеќеринска.

„Меѓутоа, кога ќе дојде реализација на некои од обврските, тука се гледа дека и не сме толку усогласени. Треба веќе да се престане ЕУ да ни биде наше крупно политичко прашање и да ни стане серија многу конкретни политички прашања. Кога тоа ќе се случи, веќе ќе зборуваме за реален политички консензус.“
XS
SM
MD
LG